- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 445.04 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 7, 2012
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.809/2011
„Имено, пониските судови го одбиле тужбеното барање на тужителот како неосновано од причина што утврдиле дека постапката за прогласување на дел од вработените како технолошки вишок била спроведена во согласност со одредбите од член 71, 76, 95 и член 97 од Законот за работните односи и дека одлуката за откажување на договорот за вработување од деловни причини на тужителот е правилна и законита. Судовите при одлучувањето имале во предвид дека тужениот извршил измена на Актот за систематизација на работните места, со кој бил намален бројот на извршителите на работното место на кое работел тужителот, дека тужениот донел мерила за утврдување на успешност за работниот придонес на работниците согласно резултатите во друштвото на 15.12.2008 година, донел одлука за формирање на Комисија за утврдување на кои работници кои ќе им престане работниот однос со откажување на договорот за вработување од деловни причини и спровел бодирање, по што била составена ранг листа на успешност на работниците по работни места, според која тужителот со освоени 78 пондери се нашол во групата на работници на кои треба да им престане работниот однос. Исто така, судовите при оцена на законитоста на постапката за откажување на договорот за вработување од деловни причини, се раководеле и од фактот дека тужениот доставил до Синдикатот известување број 03-1251 од 17.12.2008 година, во кое било наведено дека ќе се донесе одлука за престанок на работниот однос на поголем број на работници поради деловни причини, како и дека тужениот на ден 19.12.2008 година доставил известување до Агенцијата за вработување, Центар за вработување на град С. Правилно судовите утврдиле дека тужениот постапил согласно законот и кога во одлуката за откажување на договорот за вработување од деловни причини предвидел на тужителот да му се исплати испратнина во висина од 32.922,00 денари, што претставуваат три просечни плати на работникот во последните 6 месеци пред отказот.
Постапувајки на наведениот начин, и по наоѓање на овој суд, тужениот постапката за прогласување на дел од вработените како технолошки вишок ја спровел согласно Законот за работните односи, врз основа на што донел законита одлука за откажување на договорот за вработување на тужителот од деловни причини.
По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови правилно го примениле материјалното право кога одлучиле на наведениот начин, за што дале доволно образложени причини со кои се согласува и овој суд.
Овој суд го ценеше наводот во ревизијата дека тужениот бил обврзан да ги почитува Општиот колективен договор за стопанството во РМ, Гранскиот колективен договор и поединечниот колективен договор со кои се уредени условите, начинот и постапката за отказ од деловни причини, а не директно да го примени Законот за работните односи, меѓутоа наоѓа дека е неоснован. Ова од причина што согласно член 269 од Законот за работните односи од 2005 година, сите колективни договори, општиот, гранковиот и колективниот договор на ниво на работодавач, престануваат да важат ако не се донесени и усогласени во рокот од 6 месеци од влегување во сила на тој закон, односно најдоцна до 2006 година. При состојба кога тужениот не донел колективен договор во согласност со Законот за работните односи од 2005 година, правилен е заклучокот на судовите дека во конкретниот случај треба непосредно да се применат одредбите од Законот за работните односи.”