- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 490.33 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 15, 2017
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.6/2017
„Имено, пониските судови утврдиле дека тужениот извршил организациони промени на начин што го укинал работното место на тужителот, од причина што престанала потребата од вршење на работа за која било определено неговото работно место, додека пак оцената за потреба од вакви промени ја прави единствено работодавачот, а судот оценува само дали работниот однос на работникот во случајот престанал под услови или начин утврдени со Закон, Колективен договор и Договор за работа, при што не ја цени потребата и оправданоста на престанокот на работниот однос по оваа основа.
Врховниот суд на Република Македонија се согласува во целост со причините дадени во образложенијата на пресудите на пониските судови. Имено, овој суд ценејќи ги ревизиските наводи дека не е јасно од каде произлегува заклучокот дека со измена на систематизација на работните места бр.01-4397/1 од 27.09.2013 година, донесена од Одборот на директори на друштвото, во систематизација на работните места на ТГС АД, во секторот за производство-шифра бр.02, се брише организациониот дел-станица за течен нафтен гас означена со шифра бр.02.45 и работни места 02.4.5.01-шеф на станица за ТНГ и 02.4.5.02-претакач на ТНГ, кои постојат во рамките на организациониот дел, како и дека ТНГ не претставува посебен организационен дел издвоен од Т. г. АД С., туку дека истиот постои во склоп на фирмата и како таква промената на систематизација на работните места е неправилно спроведена, противзаконита и не може да дојде до донесување на одлука за престанок на работниот однос од деловни причини, меѓутоа најде дека ваквите наводи се неосновани. Ова од причина што со основниот правилник за систематизација од 2000 година, заведен под бр.0101-257/1 од 31.01.2000 година, бензинската пумпа М. воопшто не била предвидена, туку дополнително со одлука за дополнување на систематизација на работните места заведена под бр.0101-257/5 од 12.08.2012 година, Одборот на директори донел одлука при што во секторот производство со шифра 02, во РЕ работилница, монтажа, испитна единица и сервиси со шифра 02.4 бил отворен нов организационен дел - Станица за течен нафтен гас, означена со шифра 02.4.5 и во рамките на истата биле отворени работните места шеф на станица за ТНГ со шифра 02.4.5.01 и Претекач на ТНГ со шифра 02.4.5.02. Во одлуката било наведено дека оваа истата е составен дел на систематизација на работните места бр.0101-257/1 од 26.02.2000 година, а со измената на систематизацијата на работните места бр.01-4397/1 од 27.09.2013 година, донесени од Одборот на директори на друштвото, во систематизацијата на работните места на ТГС АД во секторот производство - шифра 02, биле избришани погоре наведените работни места кои постоеле во организациониот дел. Поради наведеното, правилно одлучиле судовите дека бензиската пумпа М. се водела како посебен организационен дел како станица за ТНГ, која со последните измени во актот за систематизација од 2013 година бил укината и избришана, а со самото тоа и двете работни места кои биле предвидени на таа бензинска пумпа биле укинати.
Овој суд ги ценеше ревизиските наводи дека одлуката за престанок на работниот однос на тужителот е неважечка и без правно дејство, затоа што е донесена спротивно на одредбите од Законот за работни односи и Законот за трговски друштва, односно спротивно на одредбите од член 355 до член 373, меѓутоа најде дека истите се неосновани, од причина што одлуката за отказ била потпишана од страна на Претседателот на одборот на директори, но тоа не значи дека истата е донесена лично од Претседателот на одборот на директори, а уште помалку дека била донесена без одржување на Седница, туку напротив тоа се потврдува од записникот од одржана Седница на Одбор на директори од 27.09.2013 година.
Овој суд го ценеше и наводот дека бензиската пумпа М. не претставува посебна организациона работна единица и дека истата е во склоп на целиот процес на работење на тужениот, меѓутоа најде дека истите се неосновани, од причина што со основниот Правилник за систематизација од 2000 година бензиската пумпа М. воопшто не била предвидена, туку напротив дополнително со измена на актот за систематизација на работни места, бил отворен овој организационен дел, а дополнително со измена работодавачот поради продажбата на бензиската пумпа М. повторно го укинал тој дел и ги укинал и двете работни места кои биле предвидени за таа бензиска пумпа, меѓу кои на едно од нив работел тужителот.
Овој суд ги ценеше наводите на тужителот дека од извештајот за биланс на состојби и податоци на биланс на успех на тужениот за 2011, 2012 и 2013 година, финансиската состојба на тужениот била добра па немало причина да се спроведе постапка за престанок на работен однос на тужителот од деловни причини, меѓутоа истите се неосновани, од причина што тужениот како работодавач согласно одредбите од Законот за работни односи, има дискреционо право самиот да го организира својот работен процес, а финансискиот успех во никој случај не смее да го ограничува работодавачот во ваквото право.”