- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 295.64 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање март 9, 2016
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.41/2015
„Согласно член 144 од Колективниот договор на Фабриката за шеќер 4-ти Ноември од 22.06.2012 година, на работникот може да му престане договорот за вработување со отказ од страна на работодавецот поради економски, технолошки, структурални или слични промени во случај кога работодавецот има намера да воведе поголеми промени во производството, програмата, реорганизацијата, структурата и технологијата, а кои ќе предизвикаат потреба од намалување на бројот на работници. Во став 2 од истиот член е предвидено дека работодавачот во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини е должен да провери дали е можно да го вработи работникот под променети услови или на други работи, односно дали е можно да го доквалификува, односно преквалификува за друга работа, ако е можно, работодавачот му понудува на работникот склучување на нов променет договор.
По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, правилно второстепениот суд ги применил погоре цитираните одредби, кога ја усвоил жалбата на тужениот и ја преиначил првостепената пресуда на начин како во изреката на побиваната пресуда. Ова, имајќи ја во предвидe одредбата од член 96 од Законот за работни односи која укажува на можност, а не и обврска на тужениот да постапи согласно оваа одредба, но дотолку повеќе што тужениот пред да ја донесе одлуката за откажување на договорот за вработување поднел писмени барања за превземање на работници на неопределено време до АД М., Фабрика АД Б. и М. АД Б., што укажува на тоа дека тужениот постапил согласно член 144 од Колективниот договор. Исто така, неспорно било утврдено дека било доставено известување до синдикатот, Синдикатот на тужениот дал согласност на предлог програмата, по донесување на предлог програмата донесена е програмата за утврдување на потребата од воведување на структурални, економски и организациони промени во која било предвидено отпуштање на 13 работници и биле наведени работните места кои ќе бидат укинати. Имено, во одлуката за откажување на договорот за вработување се наведени причините за отказот на договорот за вработување, а тоа е укинување на работното место на тужителката, така што наведувањето на конкретните причини поради кои било укинато работното место, не значи дека тужениот не ја докажал основаноста на причината за откажување на договорот за вработување. Притоа, постапката по повод одлуката за отказ на договорот за вработување на тужителката, траела од донесувањето на предлог програмата, до донесувањето на одлуката за откажување на договорот за вработување, а имајќи во предвид дека судот не ја испитува потребата на тужениот од воведување и укинување на работни места, туку ја цени само законитоста на постапката за откажување на договорот за вработување. Понатаму, неспорно е утврдено дека тужениот проверил дали е можно да ја вработи тужителката под променети услови или на други работи кај други работодавачи. Од наведеното произлегува дека правилно второстепениот суд постапил кога одлучил на наведениот начин, поради што и побиваната пресуда е правилна и законита.”