- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 304.18 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање март 17, 2016
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.53/2015
„Правилен е заклучокот на второстепениот суд дека тужениот постапил согласно член 94-а и 95 и член 96 став 1 од Законот за работни односи, бидејќи пред да ја донесе одлуката за откажување на договорот за вработување го известил самостојниот синдикат кај тужениот и самостојниот синдикат кај тужениот се согласил со мерките преземени во насока на ублажување од последиците од престанокот на работниот однос поради укинување на работното место на тужителот. Имено, тужениот се обратил до други работодавци, односно поднел писмени барања за преземање на работници на неопределено време до АД М., Фабрика АД Б. и М. АД Б., кои се произнеле дека немаат потреба за преземање на работниците. Притоа, одредбата од член 96 од Законот за работните односи не предвидува изречна императивна обврска за работодавачот за понудување на доквалификација или преквалификација на работникот, туку тоа е предвидено како можност, што значи дека во случајот нема повреда на одредби од законот.
Врховниот суд на Република Македонија се согласува со ставот на второстепениот суд дека е погрешен заклучокот на првостепениот суд дека од изведените докази не се потврдени наводите на тужениот дека истиот имал економски тешкотии поради кои била спроведена постапката за откажување на договорите за работа на определен број работници поради деловни причини, а со оглед на утврденото дека тужениот склучувал анекс договори со други лица, односно кај тужениот имало потреба од ангажирање на работници на определено време, Ова, од причина што во текот на судската постапка судот не ја испитува потребата на тужениот за воведување и укинување на работни места, кое нешто зависи од организацијата на работата кај тужениот и неговите планови за развој, туку ја цени само законитоста на постапката за откажување на договорот за вработување.
Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека во конкретниот случај нема повреда на одредбата од член 72 од Законот за работните односи. Имено, потребата за намалување на работниците со откажување на договорот за вработување од деловни причини ја цени работодавачот согласно своите потреби и деловното работење. Обврската за работодавачот, која ја предвидува одредбата од член 72 од Законот за работните односи, е да се наведе основот за отказот, а во конкретниот случај во одлуката е наведен основот и причините за престанокот, односно дека престанокот е од деловни причини поради укинување на работното место на кое работел тужителот.
При таква состојба, Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека постапката која му претходела на решението за откажување на договорот за вработување на тужителот од деловни причини е спроведена согласно законот, односно тужениот постапил согласно член 72, 94-а, 95 и 96 од Законот за работните односи и членот 144 од Колективниот договор на тужениот.”