Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.67/2015

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 261.15 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање март 9, 2016
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.67/2015

„Врховниот суд на Република Македонија, наоѓа дека второстепениот суд правилно го применил материјалното право одбивајќи го како неосновано тужбеното барање на тужителот, бидејќи од утврденото произлегува дека одлуката за престанок на работен однос на тужителот е донесена во со закон спроведена постапка. Имено, тужениот во врска со намерата за престанување на потребата од работници поради деловни причини донел Правилник за систематизација за укинување на работното место на кое бил распореден тужителот, по што била донесена и Програма за укинување на работното место, бил известен синдикатот и работниците, а тужениот преземал и мерки за спречување и ублажување на штетните последици од потребата од престанок на работниот однос од деловни причини и се обратил до други работодавци за превземање на работниците на кои требало да им престане работниот однос, а со оглед да немало услов за доквалификација и прекфалификација на тужителот, ја донел одлука со која му престанал работниот однос на тужителот.

Судот при одлучувањето ги ценеше наводите во ревизијата дека немало основ за да се прогласува технолошки вишок, бидејќи за време на спроведување на Програмата, биле примени нови работници на работа, како и дека била повредена одредбата од член 72 од Законот за работните односи, но најде дека се неосновани.

Имено, во случајот отказот е изречен поради укинување на работното место, за кое што тужениот спровел соодветна постапка, односно донел Правилник и Програма за систематизација, и бил известен синдикатот. Притоа потребата за намалување на работниците со откажување на договорот за вработување од деловни причини ја цени работодавачот согласно своите потреби и деловното работење. Обврската за работодавачот, која ја предвидува одредбата од член 72 од Законот за работните односи, е да се наведе основот за отказот. Во случајот во одлуката е наведен основот и причините за престанокот, односно дека престанокот е од деловни причини поради укинување на работното место, поради што Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека нема повреда на одредбата од член 72 од Законот за работните односи. Тврдењата на тужителот дека за време на спроведување на Програмата биле примени нови работници, не ја прави оспорената одлука незаконита, а судот нема основ да постапува по таквите тврдања без да се има предвид за кој профил на работа се примени работници, односно дали се работи за вработување на истото работно место на кое работел тужителот, или работници кои се потребни на тужениот во соодветен процес при работењето.

Наводот во ревизијата дека Програмата и Одлуката биле истакнати на огласна табла и дека тужителот не бил во можност да ги прочита на огласна табла, не се од влијание за поинакво одлучување. Тужениот како работодавач има обврска да ги извести работниците за потребата од намалување на работници и да го извести синдикатот. Од утврденото произлегло дека тужениот Предлог програма за утврдување на потреба од воведување на структурални, економски и организациони промени ја објавил на огласна табла на тужениот и била навремено доставена во Самостојниот синдикат при тужениот, а истиот се согласил со Предлог програмата. Тужителот бил известен за одлуката за престанокот и против истата поднел соодветен приговор. Известувањето преку огласна табла не ја прави незаконита одлуката за престанокот на работниот однос.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.41/2015
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право