- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 884.61 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање декември 5, 2018
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.79/2018
„Врховниот суд на Република Македонија имајќи ја во вид одредбата од член 95 став 1 од Законот за работните односи, како и утврдениот факт дека работодавачот пред тужителот отпуштил од работа 5 работници согласно списокот на одјавени лица од Агенцијата од 16.03.2017 година, наоѓа дека во конкретниот случај не е исполнет законскиот минимум на отпуштени работници, и дека истата одредба конкретно не може да најде примена, ако се има предвид дека во случајот станува збор за поединечно отпуштање поради деловни причини кое е спроведно во законита постапка и согласно член 97 од Законот за работни односи.
Воедно, за овој суд ирелевантно е утврденото од страна на пониските судови дека во одлуката за отказ нема образложени причини во што се состои отежнатото стопанисување кое во релација од потребата за укинување на работното место, бидејќи судот не е овластен да ја цени економската оправданост на предметната одлука.
Понатаму, според овој Суд, од содржината на Одлуката за измена на Правилникот за систематизација на работните места од 28.09.2016 година, неспорно произлегува дека основ за спроведување на постапка за бодирање помеѓу работниците нема, односно ранг листа на работници со утврдени бодови не постои, од причина што тужителот бил единствениот извршител на работното место магационер, кое работно место е укинато и не постои откако е прекинат работниот однос меѓу тужениот како работодавач и тужителот како работник, а видно од пречистениот текст на Правилникот за систематизација на работните места од 05.05.2017 година. Дотолку повеќе што и тужителот на записник од 05.09.2017 година, потврдува дека на работното место магационер непосредно пред отказот бил вработен само еден извршител.
Исто така, тоа што тужениот ниту со одговорот на тужбата, ниту во текот на постапката не доставил пречистен текст од Правилникот за систематизација на работните места на друштвото, иако од страна на Одборот на директори со одлука од 28.09.2016 година, била утврдена задолжителна обврска за тужениот да се изготви пречистен текст на Правилникот, не е од значење во конкретната ситуација, бидејќи пречистениот текст не произведува правно дејство, туку правно дејство има Одлуката врз основа на која е направена систематизација на работните места во друштвото.
При ваква состојба на работите, Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека се исполнети условите на тужителот да му биде откажан договорот за вработување од деловни причини согласно член 97 од Законот за работните односи, а тужениот во образложението на оспорената одлука, ја докажал основаноста на причината која го оправдува откажувањето на договорот за вработување од деловни причини.”