- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 378.36 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање мај 16, 2018
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.144/2017
„(...) пониските судови образложиле дека одлуката за откажување на договорот за вработување од деловни причини, била донесена согласно член 76 став 1 точка 3 од Законот за работни односи, а тужениот во целост ја запазил законитоста на постапката при донесување на истата, со оглед да ги исполнил условите предвидени со член 95 од Законот за работните односи. Имено, тужениот за својата намера за откажување на договорот од деловни причини ги известил вработените, донел одлука за утврдување на потребата за престанок на работниот однос на работници од деловни причини, поради воведување на промени кај тужениот и го известил и консултирал Синдикатот за потребата, причините, бројот и категоријата на работници на кои ќе им престане работниот однос по тој основ, при што донел Правилник за внатрешна организација и доставил писмено известување до надлежната служба за посредување при вработување заради давање помош и услуги од посредување при вработување. Воедно, тужениот постапил согласно член 97 од Законот за работните односи, каде е предвидено дека во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини работодавачот е должен на работникот да исплати и испратнина во одредена висина, со цел да се намалат последиците од престанокот на работниот однос.
Тужителката во ревизијата наведува дека пониските судови погрешно го примениле материјалното право кога го одбиле како неосновано тужбеното барање, без притоа да го имаат предвидe утврденото дека истата на 13 и 14.02.2014 година, се наоѓала на одобрено отсуство поради годишен одмор, а од 17.02.2014 година, била на боледување, кое било продолжено од 19.03.2014 година, па до одлучувањето. Во оваа насока, на тужителката ѝ престанал работниот однос за време додека била на боледување, спротивно на одредбата од член 77 од Законот за работните односи. Врховниот суд на Република Македонија при одлучувањето ги имаше предвид ваквите наводи, но истите ги оцени како неосновани, со оглед дека во случајот на тужителката не ѝ престанал работниот однос поради некоја неоснована причина за отказ предвидена во наведената законска одредба, туку од деловни причини, поради укинување на работното место на кое работела тужителката, при што одлуката за откажување на договорот за вработување била донесена во спроведена постапка во согласност со Законот за работните односи и Колективниот договор на тужениот.
Врховниот суд на Република Македонија го оцени како неоснован ревизискиот навод дека тужениот при укинување на работното место на тужителката, отворил работно место со друга назнака кое во целост одговарало на степенот на квалификациите и стручната способност на тужителката, од што произлегувало дека тужениот бил во состојба и можел да ѝ ги обезбеди на тужителката правата од член 96 од Законот за работните односи. Ова, од причина што истиот бил истакнат во текот на постапката и ценет од страна на пониските судови, кои дале доволно образложени причини во однос на тоа дека наведената законска одредба не предвидува обврска за работодавачот, туку со истата е предвидена можност доколку постојат услови за тоа, на работникот да му понуди вработување кај друг работодавач без огласување, со превземање и склучување договор за вработување за вршење на работи кои одговараат на неговата стручна подготовка, односно квалификација, стручно оспособување или нов договор за вработување. Воедно, потребата и причините за откажување на договорот за вработување од деловни причини ја цени работодавачот, согласно своите потреби од деловно работење, додека обврска на судот е да цени дали одлуката за откажување на договорот за вработување е донесена во правилна и законита постапка, во смисла на одредбите од Законот за работните односи.”