Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев.3.бр.139/2019

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 578.89 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање декември 1, 2020
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев.3.бр.139/2019

„Согласно член 66 став 1 од Колективниот договор за вработените во „М.“ АД Б., како деловни причини се сметаат случаите кога работодавачот има намера да воведе поголеми промени во производството, програмата, реорганизацијата, структурата и технологијата, а кои ќе предизвикаат потреба од намалување на бројот на работниците. Според ставот 2 од истиот член, во случаите кога ќе настанат предвидените промени од став 1 на овој член, на работникот може да му престане работниот однос на начин и постапка предвидени со Законот за работните односи, Колективниот договор за вработените од земјоделството и прехранбената индустрија и со Колективниот договор за вработените во „М.“ АД Б.

Според член 68 став 2 од Колективниот договор, ако работодавачот прима сезонски работници во тековната година повеќе од 8% од вкупниот број на вработени во друштвото, не смее да прогласува вишок од деловни причини.

Правилно е стојалиштето на пониските судови дека одлуката на тужениот за отказ на договорот за вработување на тужителот поради деловни причини е во спротивност со цитираната одредба од Колективниот договор на тужениот, поаѓајќи од утврденото дека кај тужениот во 2017 година преку Агенции за привремени вработувања биле вработувани работници на определено време за вршење на сезонски работи повеќе од 8% од вкупниот број на вработени. Заклучокот произлегува од изведените вербални и писмени докази, особено Списокот на сезонски работници ангажирани кај тужениот во 2017 година и од списокот на вработени кај тужениот од вкупно 218 вработени работници. Притоа, овој суд се согласува со заклучокот на судовите дека тужениот вработувал сезонски работници, а врз основа на наведениот Список, кој го оспорува тужениот, иако истиот не бил поткрепен со договори помеѓу работниците и тужениот како работодавач, со оглед што согласно Законот за Агенциите за привремени вработувања, работници за вршење на сезонски работи можат да се ангажираат и преку Агенции за привремени вработувања, така што агенцијата може врз основа на договор за отстапување на работник меѓу агенцијата и друг работодавач, да отстапи работник на друг работодавач корисник за вршење на привремени работи, меѓу другото и во случај на сезонска работа.

Наводот во ревизијата дека судовите ја темелат својата одлука на неверодостоен доказ, Списокот на сезонски работници ангажирани кај тужениот во 2017 година, кој е неофицијален и неформален документ, според овој суд, а како што прифатиле и пониските судови, истиот е неоснован. Имено, тужениот во текот на постапката не доставил соодветни докази врз основа на својата евиденција за вработени работници во текот на 2017 година на определено време, како и вработени преку Агенции за вработување за вршење на сезонски работи, за да докаже дека содржината на Списокот кој го оспорува не е веродостојна. По наоѓање на Врховниот суд, обврската токму тужениот да докаже дека не вработувал работници за вршење на сезонски работи, произлегува и од член 62 став 3 од Колективниот договор на тужениот, според кој, товарот на докажување дали постои оправдана причина за престанок на работниот однос го сноси работодавачот. Во конкретниот случај првостепениот суд извел писмени и вербални докази кои се надополнуваат еден со друг, а товарот на докажување паѓа на тужениот - работодавачот да ги побие наводите на тужителот, поради што истиот требал да предложи и достави докази кои ќе го докажат спротивното.

Неосновани се и ревизиските наводи дека пониските судови погрешно го примениле материјалното право кога повикувајќи се на член 68 став 2 од КД на тужениот, одлучиле на наведениот начин, бидејќи во случајов работниот однос од деловни причини им престанал на 7 работници, што е помалку од 5% од вкупниот број вработени кај тужениот. Ова од причина што според овој суд, правилно судовите образложиле дека ако работодавачот прима сезонски работници во тековната година повеќе од 8 % од вкупниот број на вработени, не смее да прогласува вишок од деловни причини, независно дали бројот на работници е повеќе или помалку од 5% од вкупниот број вработени.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.132/2019
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право