Решение на Апелационен суд Битола РОЖ-146/22

  • Version
  • Преземи 3
  • Големина на фајлот 733.87 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање мај 16, 2022
  • Последна промена јули 13, 2024

Решение на Апелационен суд Битола РОЖ-146/22

(...) „Имено, во конкретниот случај, Одлуката за откажување на Договорот за вработување е донесена поради кршење на работниот ред и дисциплина и работните обврски, односно заради неоправдано изостанување од работа 3 последователни работни дена, или 5 работни дена во текот на една година, согласно член 82 став 1 точка 1 од ЗРО, а во образложението на одлуката е наведено дека, тужениот ја повикал тужителката да се јави на работа со допис од 28.05.2021 година, кој допис тужителката го примила на 01.06.2021 година, и дека до денот на донесување на предметната одлука, истата не се јавила на работа и не го оправдала отсуството. Од ова произлегува дека, во самата одлука за откажување на Договорот за вработување, односно за престанок на работниот однос на тужителката, наведено е во кои денови истата отсуствувала од работа и дека ваквото отсуство не го оправдала, што значи дека нејасни се и неразбирливи се причините на првостепениот суд дека Одлуката за престанок на работниот однос не ги содржела деновите кога тужителката отсуствувала од работа. Исто така, неспорен е и фактот дека тужителката била повикана од тужениот да се јави на работа, истата се јавила кај тужениот на 01.06.2021 година, меѓутоа од тој ден па до донесувањето на Одлуката за престанок на работниот однос на 22.06.2021 година, тужителката не се јавила на работа и не го оправдала ваквото отсуство. Нејасен е заклучокот на првостепениот суд дека, тужителката оправдано отсуствувала од работа со оглед на нејзината здравствена состојба и состојбата со пандемијата, без притоа да се достави и приложи соодветен доказ, односно боледување за спреченост на тужителката да оди на работа. Исто така, неприфатлив е и заклучокот на првостепениот суд дека работодавачот требало да даде точни напатствија во однос на тоа, што требало да направи работникот за да го оправда своето отсуство од работа и дека не и било кажано каде ќе ги извршува работните задачи, односно дали на старото работно место, или на некое друго работно место. Ова од причини што, после утврдената намалена работна способност на тужителката со наод и оценка на надлежната комисија, со тужителката бил склучен променет Договор за вработување на соодветно работно место, па според тоа, тужителката била запозната со ваквиот договор и знаела на кое работно место треба да ги извршува работните задачи, а доколку истата била спречена поради здравствени причини, истата требало отсуството од работа да го оправда со боледување издадено од надлежен лекар. И фактот што тужителката на денот на донесувањето на одлуката за престанок на работниот однос поднела барање за користење на годишен одмор не е од влијание на законитоста на оспорената одлука.

При повторното судење, првостепениот суд ќе треба да ја отстрани горе наведената суштествена повреда според укажувањата во ова решение, со повторно изведување на доказите правилно и целосно да ја утврди фактичката состојба во поглед на битните факти за одлучување по тужбеното барање на тужителката, односно дали тужителката го оправдала отсуството од работа во периодот за кој и е откажан Договорот за вработување или не, а кое нешто е од суштествено значење за донесување на правилна и законита одлука во овој предмет, односно дали Одлуката за откажување на Договорот за вработување на тужителката е законито или незаконито донесена, па со правилна примена на материјалното право да донесе правилна и законита одлука.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-120/22
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право