- Version
- Преземи 2
- Големина на фајлот 718.58 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање декември 7, 2021
- Последна промена јули 13, 2024
Решение на Апелационен суд Битола РОЖ-457/21
(...) „ Имено, согласно чл. 70 од ЗРО, договорните страни можат да го откажат договорот за вработување со отказен рок или без отказен рок и таквиот договор за вработување може да се откаже само во целост, а согласно чл. 74 од истиот закон, отказот на договорот за вработување задолжително се изрекува во писмена форма, а работодавачот е должен писмено да го образложи откажувањето на договорот како и да му укаже на работникот на правната заштита и да го запознае со неговите права од осигурување во случај на невработеност согласно со закон.
Согласно чл. 75 од истиот закон, отказот на договорот за вработување мора да и биде врачен на договорната страна на која и се откажува договорот за вработување и отказот работодавачот е должен да му го врачи лично на работникот по правило во просториите на работодавачот, односно на адресата на живеалиштето од кое работникот дневно доаѓа на работа, а согласно чл. 86 од истиот закон одлуката за откажување на договорот за вработување ја донесува работодавачот или од него овластениот работник.
Согласно чл. 91 од овој закон, против одлуката за отказ на договорот за вработување без отказен рок или одлуката за отстранување од кај работодавачот, работникот има право на приговор до органот на управување или работодавачот, кој приговор се поднесува во рок од 8 дена од добивањето на одлуката. Одлуката по приговорот се донесува во рок од 8 дена, а согласно ст. 4 од оваа одредба приговорот против одлуката за откажување на договорот за вработување без отказен рок не ја задржува од извршување одлуката за отказ.
Од овие одредби несомнено произлегува дека одлуката за откажување на договорот за вработување ја донесува работодавачот во писмена форма и таквата одлука му ја врачува на работникот со соодветно образложение на основот и причината за откажување на договорот и правна поука, како и дека приговорот против одлуката не ја задржува од извршување одлуката за отказ на договорот за вработување. Што значи дека таквата одлука произведува правно дејство од нејзиното донесување, односно врачување на работникот и истата согласно наведените одредби од ЗРО, може да се менува само со донесување на одлука по правен лек, односно по приговор на работникот, и тоа од страна на второстепен орган, а во никој случај нема правна основа ваквата одлука која е со дејство од нејзиното донесување, односно врачување на работникот, да се менува од страна на работодавачот кој истата ја донел, со донесување на нова одлука за отповикување на претходно донесената одлука.
Според тоа нејасни се причините на првостепениот суд дека тужениот ја докажал основаноста на причината која го оправдувала донесувањето на оспорената одлука бидејќи истата била донесена на ден 03.09.2020 година, односно во период додека течел рокот за приговор по отповиканата одлука за отказ која се уште не била конечна и правосилна. Ова од причини што одлуката за отказ на договорот за вработување предизвикува правно дејство од нејзиното донесување, односно врачување на работникот и истата после нејзиното врачување на работникот не може и нема прана основа да се отповикува од страна на работодавачот, без оглед дали бил истечен рокот за приговор или не бидејќи согласно горенаведените одредби од ЗРО, одлука за отказ на договор за вработување може да се менува само по поднесени правни лекови и тоа од страна на второстепен орган, а во никој случај нема основа работодавачот самиот да носи нова одлука со која ја отповикува претходно донесената одлука која веќе била во правна сила и правно дејство со нејзиното донесување и врачување на работникот, а со што се нарушува и правната сигурност на работникот во остварувањето на правата и обврските од работниот однос.
(...) Особено првостепениот суд ќе треба да ги има во предвид одредбите од ЗРО, во врска со откажување на договорот за вработување и пропишаните правни лекови во таа постапка, па со правилна примена на материјалното право да донесе правилна и законита одлука. (...)”