- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 897.05 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање септември 22, 2020
- Последна промена ноември 5, 2024
Решение на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.119/2019
„Имено, второстепениот суд прифаќа дека во случајов има понуда на нов променет договор пред отказ, со констатација дека на тужителот му се откажува договорот за вработување бр.04-697 од 24.03.2014 година и дека со неприфаќањето на предложениот нов договор за вработување, заклучно со истекот на 15-от ден од приемот на понудата, престануваат правата и обврските од горенаведениот договор за вработување. Ваквата констатација на второстепениот суд за овој суд останува нејасна од причини што и самиот суд наведува дека во конкретниов случај има состојба на понуда на нов променет договор пред отказ кој видно од списите на предметот ниту е изготвен од страна на тужениот ниту пак врачен на тужителот заедно со понудата за склучување на нов променет договор. Имајќи ја во предвид содржината на одредбата од член 74 став 1 и став 2 од Законот за работните односи, тужениот како работодавач бил должен отказот на договорот за вработување да го изрече во писмена форма и во истиот да го наведе и основот и образложените причини за откажување на договорот за вработување, па заедно со новиот променет договор за вработување да му ги достави на работникот, односно тужителот. Наспроти наведеното, во случајов има отсуство на писмено образложен отказ на договорот за вработување на тужителот бр.04-697 од 24.03.2014 година, односно само врачување на понуда за нов променет договор пред отказ и нов променет договор за вработување од 15.12.2017 година.
Поради наведеното, по наоѓање на Врховниот суд на Република Северна Македонија заклучокот на второстепениот суд дека не е повредена одредбата од член 78 став 1 од Законот за работните односи каде е содржана обврската дека одредбите од горенаведениот закон што се однесуваат на договорот за вработување ќе се применуваат и во случај кога работодавачот го откажува договорот за вработување и на работникот истовремено му предлага склучување на нов променет договор за вработување, е нејасен и спротивен на утврденото дека во конкретниов случај неспорно е дека на тужителот истовремено со понудениот нов договор за вработување не му бил врачен и писмен отказ со кој се откажува договорот за вработување на тужителот од 24.03.2014 година. Дотолку повеќе што самиот второстепен суд во својата одлука наведува дека причините поради кои на работникот му се нуди нов или променет договор за вработување се содржани во одлуката за отказ на договорот за вработување, која во случајов не постои, односно не е доставена до тужителот, ниту претходно ниту истовремено со новиот или променет договор за вработување.
Второстепениот суд од друга пак страна прифаќа дека доколку работникот го прифати новиот или променетиот договорот за вработување, тоа ќе значи дека меѓу работникот и работодавачот нема ништо спорно и дека работите тука завршуваат, а дека оценка е на работникот дали ќе ја прифати или не понудата, и доколку оцени дека не му одговара едноставно ќе одбие да го склучи новиот или променетиот договор за вработување, при што во сила останува склучениот договор за вработување.
Имајќи ја во предвид содржината на понудата за нов променет договор бр.04-2486 од 15.12.2017 година во став 5 од истата е наведено дека со неприфаќањето на предложениот нов договор за вработување, заклучно со истекот на 15-от ден од денот на приемот на понудата, престануваат правата и обврските од договорот за вработување бр.04-697 од 24.03.2014 година. Согласно пак член 78 став 3 од Законот за работните односи, ако работникот во случајот од став 1 на овој член ја прифати понудата на работодавачот, нема право на отпремнина поради престанување на претходниот договор за вработување, а го задржува правото да ја оспорува пред надлежниот суд одлуката за промена на договорот за вработување. Оттука, имајќи ги во предвид погоренаведените одредби, не е јасно од кои причини второстепениот суд застанал на ставот дека доколку тужителот одбил да го склучи новиот или променетиот договор за вработување, во сила останува склучениот договор за вработување бр.04-697 од 24.03.2014 година. Ваквото становиште на второстепениот суд не наоѓа поткрепа ниту во одредбите содржани во понудата на нов променет договор во кој е предвиден престанок на правата и обврските од претходниот договор за вработување доколку понудата не се потпише во рок од 15 дена од приемот, ниту пак во одредбите од Законот за работни односи каде е дадена законска можност на работникот да ја оспорува одлуката за промена на договорот за вработување. Тужителот во случајов не располагал со слободна диспозиција на волја по однос на потпишувањето на новиот променет договор за вработување, од причина што истата била ограничена со можноста да настапи прекин на претходниот договор за вработување доколку во рок од 15 дена не го потпише новиот променет договор, што укажува на фактот дека без оглед дали тужителот се согласувал со содржината на новиот променет договор и сметал дека во него се содржани спорни одредби, заради одбегнување на последиците од непотпишувањето, истиот го потпишал, но подоцна согласно законските можности го оспорил со поднесување на предметната тужба. Поради наведеното, овој суд наоѓа дека постои контрадикторност на причините и ставот на второстепениот суд наведени во побиваната пресуда со изведените докази и фактите кои произлегуваат од нив, пред се на одредбите содржани во понудата на нов променет договор, но и на законските одредби кои ја регулираат состојбата кога работодавачот му го откажува договорот за вработување на работникот и истовремено му предлага нов променет договор.”