Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.328/2011

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 320.41 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање октомври 3, 2012
  • Последна промена ноември 6, 2024

Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.328/2011

„По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, на што основано се укажува и во ревизијата, пресудата на првостепениот суд е неразбирлива од причина што судот воопшто не утврдил фактичка состојба, туку во делот на утврдената фактичка состојба само ја цитирал содржината на одлуките на работодавачот и приговорот на тужителот, без воопшто да е дадена оцена на изведените докази и без да се утврдува дали вонредниот настан бил предизвикан од пропусти на тужителот за кој тој е одговорен или поради пропусти на другиот отправник на возот.

Во таа смисла, иако судот го извел како доказ Записникот за преслушување на регистраторска лента бр. 95 од 10.03.2010 година, не го ценел тој доказ ниту сам за себе, ниту во склоп на останатите изведени докази, ниту извел било каков заклучок од истиот, како резултат на што не бил утврден со сигурност решителниот факт за причините за настанувањето на вонредниот настан, односно не било утврдено со сигурност по чија вина се случил вонредниот настан. Оцената на овој доказ е од особена важност за да се утврди текот на преземените дејствија што претходеле на настанот од страна на отпремниците на возовите, како и да се анализира и изведе заклучок за фактот дека тужителот во периодот од 4 часот и 13 минути до 4 часот и 59 минути не остварил никаква комуникација со другите отправници.

Исто така, судовите недоволно ги ценеле изведените докази Извештајот од специјалист од 05.03.2008 година и здравствената легитимација на тужителот, поради што извеле погрешни заклучоци, односно во пресудата навеле причини кои се контрадикторни со содржината на тие докази. Имено, од здравствената легитимација на тужителот и извештајот од специјалист, произлегува дека тужителот се јавил на лекарски преглед на 02.03.2008 година, на 03.03.2008 година и на 04.03.2008 година, а судовите во пресудата наведуваат дека тужителот се јавил на лекар дури на 05.03.2008 година.

Воедно, судовите воопшто не се впуштиле во оцена на изведените докази по однос на здравствената состојба во која бил тужителот критичното време, односно дали тој навистина бил во безсознание и не можел поради тоа да ги изврши своите работни задачи. На таа околност, судот сослушал сведоци и извел други материјални докази, но не дал оцена на кој доказ поклонува верба, а на кој не и од кои причини.

Неприфатливо за овој суд е образложението на судовите дека тужителот врз основа на претходно извршениот систематски преглед, ги исполнувал сите здравствени и психолошки услови за работа на работното место отправник на возови и дека истиот требал кога ја презел работата критичниот ден да ги извести колегите дека не се чувстувал добро, односно доколку по пристапувањето на работа почувствувал симптоми за нарушување на неговата здравствена состојба, бил должен да се јави на неговиот претпоставен или на било кој работник кој што можел да го замени. Имено, влошувањето на здравствената состојба на тужителот до состојба на безсознание можело да се случи ненадејно без претходни здравствени тегоби. За расчистување на ова прашање, за кое судот не располага со стручно знаење, судот требал да дозволи да се изведе предложениот доказ од страна на тужителот – судско медицинско вештачење, врз основа на кој да се утврди дали тужителот имал таква здравствена состојба чии последици претходно можел да ги предвиди, односно да пријави кај својот претпоставен или некој друг работник да го замени поради тоа што не се чувствувал добро.

Според Врховниот суд на Република Македонија, за утврдување на решителните факти по однос на причинско-последичната врска помеѓу однесувањето на тужителот и предизвикувањето вонредна состојба – опасност од судир на возови, судот требал да го изведе предложениот доказ распит на тужителот и сослушување на сведокот Д. М., со цел за добивање на непосредно сознание од тужителот за тоа што се случувало и кои дејствија биле од него преземени во Станицата М. непосредно пред губењето на свеста на тужителот и по неговото освестување.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-562/12
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право