- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 451.46 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање февруари 14, 2013
- Последна промена ноември 6, 2024
Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.21/2013
„(...) Имено, пониските судови заклучиле дека на тужителот основано му престанал работниот однос од причина што утврдиле дека тужителот ја сторил повредата на работниот ред и дисциплина од потежок облик, на начин што кај тужителот за време на извршување на работните задачи и обврски било утврдено присуство на алкохол во крвта. Тој решителен факт судовите го утврдиле врз основа на писменото известие од МВР - СВР В. од 05.07.2011 година.
Меѓутоа, по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, одлучувајќи на наведениот начин, судовите не дале доволно образложени причини за овој решителен факт, поради што пресудата е нејасна и не е подобна да се испита.
Според наоѓање на пониските судови, заклучокот дека тужителот сторил повреда на работниот ред и дисциплина, судовите го извеле исклучиво врз основа писменото известување од МВР, иако во текот на постапката биле изведени и други докази. Постапувајќи на тој начин, судовите не извршиле сестрана анализа на секој доказ посебно и на сите докази во целина, поради што не се дадени образложени причини за решителниот факт во конкретниот случај, дали тужителот за време на извршување на работните задачи бил под дејство на алкохол. Во тој контекст, судовите воопшто не ги ценеле изјавите на тужителот како странка и на сведоците, како и не го ценеле изведениот доказ Правилник за начинот и постапката за утврдување присуство на алкохол и други психотропни супстанции во организмот на железничкиот работник. Со оглед на тоа што тужителот не го признал резултатот од извршеното мерење на алкохол во крвта и истиот побарал да биде земена крв за анализа повторно, на која околност свои изјави дале и сведоците, не се јасни причините на судот дека од писмената изјава на МВР неспорно произлегува дека кај тужителот било утврдено присуство на алкохол во крвта, односно дека тој бил под дејство на алкохол. Во конкретниот случај, судовите требале посебно да ги оценат и другите изведени докази, како и да испитаат дали околноста што при земањето на крв за анализа не било постапено согласно Правилникот, влијае врз законитоста на целата постапка за утврдување на присуство на алкохол во крвта.”