- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 253.46 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 21, 2017
- Последна промена ноември 6, 2024
Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.66/2016
„(...) според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, второстепениот суд не ги утврдил решителните факти кои се појдовна основа за разрешување на конкретната правна работа, односно за оцена на законитоста на оспореното решение за откажување на договорот за вработување на тужителот.
Имено, второстепениот суд своето правно сфаќање за незаконитоста на решението за откажување на договорот за вработување, го темели на заклучокот дека од изведените докази не произлегува дека тужителот сторил повреда на работна обврска. Меѓутоа, второстепениот суд при одлучувањето не го имал предвид основот поради кој на тужителот му бил откажан договорот за вработување, односно не испитувал дали со преземените дејствија тужителот сторил кршење на работната дисциплина, односно дали постапувал спротивно на правилата и прописите на тужениот, дали го злоупотребил и пречекорил даденото овластување, дали противправно прибавил лична корист во врска со вршењето на работите и задачите и дали извршил дејствие што претставува кривично дело. Заради правилна примена на материјалното право, второстепениот суд ќе треба наведените неутврдени факти да ги доведе во корелација со одредбите од Законот за полиција ("Службен весник на Република Македонија" бр.114/06) , Колективниот договор на тужениот, Правилникот за начинот на вршењето на полициските работи, Упатството за начинот на однесување и меѓусебните односи на полициските службеници во извршување на полициските работи, како и Кодексот на полициската етика. Оцената на законитоста на спроведувањето на постапката за откажување на договорот за вработување, односно на оспореното решение, треба да се врши преку дејствијата кои ги преземал, односно пропуштил да ги преземе тужителот како полициски службеник во врска со законските и подзаконските акти на тужениот.
Покрај наведеното, неприфатлив е заклучокот на второстепениот суд дека до моментот на донесувањето на оспореното решение не постоел основ за изрекување на отказот на договорот за вработување, бидејќи кривичната постапка сеуште не е правосилно завршена и не е доволен основ да се утврди дека тужителот е виновен за дејствијата. Ова бидејќи на тужителот покрај другото му престанал работниот однос поради кршење на работната дисциплина постапувајќи спротивно на правилата и прописите на тужениот, дејствие кое претставува кривично дело. Кривичната постапка не ја исклучува дисциплинската постапка, бидејќи станува збор за две засебни постапки со различен објект на заштита, односно дисциплинската постапка се води на ниво на работодавач и му овозможува на работодавачот да му го откаже на работникот договорот за вработување без отказен рок кога ќе утврди околности кои упатуваат на потешка поверда на работниот ред и дисциплина. Постоењето на правосилна кривична пресуда, не претставува решителен факт за утврдување на законитоста на решението за откажување на договорот за вработување, туку дали дејствијата на тужителот се спротивни на прописите и актите на тужениот, односно дали со нив сторил кршење на работната дисциплина што е основ за откажување на договорот за вработување.”