Решение на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.14/2017

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 231.42 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање март 7, 2018
  • Последна промена ноември 6, 2024

Решение на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.14/2017

„Првостепениот и второстепениот суд го усвоиле тужбеното барање на тужителот и ја поништиле како незаконита одлуката за престанок на работниот однос и го задолжиле тужениот да го врати на работа тужителот, прифаќајќи дека тужениот при донесување на одлуката не спровел соодветна постапка и дека во изреката на одлуката за престанок на работниот однос не е наведена повредата што ја сторил тужителот, а во образложението не се наведени основот и причините за отказот во смисла на член 85 од Законот за работните односи. Судовите сметаат дека од доказите не е утврдено дека се исполнети законските услови за престанок по член 82 од Законот за работните односи, не се утврдило која е повредата на прописите за кршење на работниот ред и дисциплина на работните обврски, не е утврдено дали има вина на страна на тужителот, дали тужениот претрпел штета, од што се состои таа штета и на кој начин е предизвикана и колку изнесува висината на штетата.

Според Врховниот суд на Република Македонија ваквиот заклучок на судовите е контрадикторен и несоодветствува во целост со доказите и причините од кои се раководеле судовите при донесување на побиваните пресуди.

Имено, по однос на постапката пред работодавачот, од доказите особено од одлуките донесени од тужениот, исказите на сведоците и записникот за одржана главна расправа, призлегува дека пред донесување на одлуката за престанок на работниот однос на тужителот, кај тужениот на 09.07.2015 година, била одржана главна јавна расправа за утврдување на одговорноста за сторената повреда на работниот ред и дисциплина на кој што биле присутни членови од комисијата, претставник од синдикатот, тужителот и сведоци, а од комисијата била констатирана причинетата штета од тужителот. Била поднесена пријава за дисциплинска постапка на 02.06.2015 година, за настанот при минирањето во кој бил повреден работникот Б. Ј., помошник палител на мини, кој бил поставен за обезбедување на тој простор, а дека дисциплинската постапка е поведена поради нестручно и неодговорно минирање од страна на тужителот, без да направи проценка по однос на линијата на најмал отпор и количина на експлозив во бушотините, поради што при активирање на минската серија дошло до неконтролирано расфрлање на материјал и бил повреден работник.

Исто така, погрешен е заклучокот на судовите дека во одлуката за престанок на работниот однос не е наведена повредата што ја сторил тужителот, дека не е наведена штетата, и што е причината за таа штета. Ова, ако се има предвид утврденото дека тужениот на 05.06.2015 година формирал Комисија за да ги утврди причините за настанатата штета. Притоа од Комисијата е констатирано дека штетата е во износ од 320.000,00 денари, како и дека по вина на тужителот е повреден работникот Б.Ш., и дека штетата паѓа на товар на тужителот, кој како одговорен инженер за дупчење и минирање, не постапил според законските прописи и не извршил правилен увид над дупчотините.

Од таа причина првостепениот суд при повторното постапување по тужбеното барање на тужителот ќе треба да ги има предвид сите погоре наведени околности и од тој аспект ќе треба да утврдува и цени дали е сторена повреда на работниот ред и дисциплина. Особено да ја има во предвид и причинетата штета, која од страна на комисијата кај тужениот е утврдена во износ од 320.000,00 денари, и повредениот работник, па врз основа на утврденото да цени дали оспорената одлука е правилно и согласно на закон донесена.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.27/2017
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право