- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 858.38 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање декември 18, 2018
- Последна промена ноември 6, 2024
Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.8/2018
„Имено, во конкретниот случај судовите го усвоиле тужбеното барање на тужителката и го поништиле како незаконито решението за откажување на договорот за вработување од 15.02.2016 година. Заклучокот на судовите е дека решението за престанок е незаконито од причина што одлука за затворање на Подружницата во Г. на тужениот била донесена по донесување на решението, како и дека тужениот не доставил доказ дека има некакви економски проблеми во работењето за да ја затвори Подружницата, ниту направил план и програма за најбезболно да се спроведат деловните промени, ниту дека во решението навел кои се тие деловни причини. Судовите сметаат дека тужениот постапил спротивно на член 96 од Законот за работните односи, бидејќи не доставил доказ за тоа дека на тужителката и понудил друго работно место, ниту доказ дека не постоела можност тужителката да ја распореди на друго работно место.
Меѓутоа, според Врховниот суд на Република Македонија ваквиот заклучок на судовите е нејасен и контрадикторен ако се има предвид дека судовите со сигурност не утврдиле дали во случајот станува збор за намалување на бројот на извршители од деловни причини поради вишок на определена категорија на вработени или престанокот на работниот однос на тужителката е поради укинување на работното место, па во зависност од тоа да ценат дали може да се примени одредбата од член 96 од Законот за работните односи.
На оваа околност основано се укажува во ревизијата на тужениот дека судовите при оценување на законитоста на постапката за престанок на работниот однос на тужителката немале предвид дека правата и обврските при спроведување на постапката за престанок на работен однос од деловни причини се различни во зависност од тоа дали престанокот е кај работодавач со поголем и помал број на вработени, како и од тоа дали станува збор за групни престаноци или поединечен престанок на работниот однос.
Имено, со Актот за систематизација од 07.03.2014 година, тужениот предвидел вкупно 50 извршители на работни задачи распоредени на 12 работни места од кои 44 вработени за обавување на работните задачи во Т. и 6 извршители за работните задачи во Подружницата во Г., а тужителката била вработена кај тужениот на работно место благајник во Подружницата во Г. Притоа со Актот за систематизација кај тужениот, на работно место благајник биле предвидени двајца извршители и тоа еден во Т., а другиот во Подружницата во Г. Покрај тужителката, во Подружницата во Г. работеле уште 3 лица и тоа С. С. кој работел на работно место магационер, А. М. како виљушкарист и А. Д. како раководител на Подружницата во Г.
Поради тоа од битно влијание е да се испитува од кои причини на тужителката не и било понудено ново работно место, а на останатите вработени кои работеле во Подружницата во Г. им биле понудени нови работни места и на истите не им престанал работниот однос, односно дали тоа било поради тоа што на тужениот му бил потребен одреден профил на вработени или тенденциозно и незаконито и е изречен престанок на работниот однос само на тужителката. На оваа околност не се утврдувани факти од судовите иако во случајот е од релевантно значење по однос на законитоста на оспореното решение за престанок на работниот однос.
Исто така, нејасен и контрадикторен е заклучокот на пониските судови дека тужениот не доставил доказ на околноста дека кај тужениот биле изготвени План и и Програма за потребата од намалување на бројот на вработени поради деловни причини. Ова, од причина што во списите на предметот се приложени докази како што се Правилник за систематизација на работните места од 12.02.2016 година, со кој е извршена систематизација на работните места кај тужениот, одлука од 12.02.2016 година со која заради организациски измени во работењето на друштвото извршена е измена и усогласување на Актот за систематизација со опис на работните места и задачи и се врши измена на Правилникот за систематизација на работни места и задачи од 07.03.2014 година, а со кој се бришат одредбите за систематизација кои се однесуваат на Подружницата во Г., кои од судовите не се изведени и не се ценети како доказ. Особено што се од значање по однос на утврдувањето на фактот дали затворањето на подружницата има карактер на укинување на работното место благајник, а на кое работела тужителката.”