- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 73.75 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 7, 2017
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.3/2017-1
Изземање на судски администратор од дисциплинска одговорност
„(...) судскиот администратор е судски службеник кој раководи со судската служба и кој како раководител на стручната служба во судот има определени посебни обврски и одговорности кои се поврзани со судската управа и работните односи на судски службеници со кои тој раководи. Меѓутоа, посебните обврски и одговорности на судскиот администратор според мислењето на Судот, не го менуваат статусот на судскиот администратор како судски службеник, статус кој јасно произлегува од одредбите од членот 7, 8 и 9 од Законот за судска служба. Како судски службеник и судскиот администратор е должен да ги извршува работните обврски стручно, законито, професионално и компетентно и тој треба да одговара за извршување на неговите должности. Посебните обврски и одговорности што ги има судскиот администратор како раководител на стручната служба во судот не можат да претставуваат основ за негово исклучување од дисциплинска одговорност на која што подлежат другите судски службеници, со оглед на тоа што и судскиот администратор како и другите службеници во судот има статус на судски службеник. Според Судот, со изземањето на судскиот администратор од секаква одговорност за непочитување на работната дициплина, стручното и совесно вршење на службената должност, судскиот администратор се става во привилегирана положба во однос на другите службеници во судот кои исто така имаат статус на судски службеници. Од друга страна пак, со неговото изземање од дисциплинска одговорност, на судскиот администратор му се оневозможува тој да ја користи правната заштита од членот 105 од Законот за судска служба, односно му е оневозможено правото на жалба во постапката за одговорност на судските службеници, со што тој на определен начин е ставен во понеповолна положба во споредба со другите судски службеници.
Судот исто така смета дека одговорноста на секој вработен во државните органи пред законот претставува составен елемент на принципот на владеењето на правото, така што изземањето на одделни категории на лица од одговорност, претставува повреда на уставното начело на владеењето на правото.
Поради наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од член 91 став 2 во делот: „освен судскиот администратор“ од Законот за судска служба не е во согласност со принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со уставното начело на еднаквост од членот 9 од Уставот на Република Македонија.”