- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 70.17 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање мај 27, 2015
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.55/2014-1
Доказ кон пријавата за вработување;
Доказ за неизречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност
„Конкретно, оспорениот член 73 став 2 алинеја 2 од Законот, уредува дека кандидатот задолжително кон пријавата приложува и доказ за неизречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност.
Тргнувајќи од содржината на оспорената законска одредба која пропишува задолжително приложување на доказ по однос на околноста дали на кандидатот за вработување не му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, според Судот тоа се сведува на барање изјава за негова осудуваност или неосудуваност, со оглед на тоа што забраната за вршење на дејност е споредна казна што се изрекува како дел од осудителната пресуда (член 33 став 6 од Кривичниот законик). Оттука, по оцена на Судот тоа уредување е во спротивност со уставната гаранција за почитување на угледот и достоинствотото на секој граѓанин, но и спротивно на презумпцијата на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара доказ за осудуваност или за неосудуваност.
За Судот, не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност се додека трае забраната, меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот, туку на надлежниот орган кој врши вработување и кој што ја утврдил таа законска обврска и кој ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на Законот.
Оттука, според Судот, уредувањето со оспорениот член 73 став 2 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи, е во спротивност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 11, член 25 и член 51 од Уставот.
Судот, ги имаше предвид доставените одговори од доносителот и од предлагачот на Законот за внатрешни работи, по однос решението за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената законска одредба, но истите не се од влијание по однос изразеното правно мислење во решението.
За Судот не е спорна потребата од докажување, дека на кандидатот не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност, туку само начинот на прибавување на бараниот доказ, кој начин, според оспорената законска одредба е на товар на кандидатот кој се вработува, што според Судот, не е во согласност со одредбите од Уставот.
Ова дотолку повеќе што со Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност (“Службен весник на Република Македонија” број 79/2013), е уредена постапката за прибавувањето и размената на докази и податоци по службена должност од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон, други државни органи, правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје (во натамошниот текст: органот надлежен за решавање), кога во управните работи, непосредно применувајќи ги прописите решаваат за правата, обврските или правните интереси на физички и правни лица или на други странки (во натамошниот текст: странките).
(...) Тргнувајќи од претходно наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 73 став 2 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи, не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 11, член 25 и член 51 од Уставот.”