- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 74.47 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање април 12, 2017
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.106/2016-1
Обесштетување на работникот при отказ од страна на работникот без отказен рок
„Од изнесените законски одредби произлегува дека откажувањето на договорот за вработување во принцип се врши со отказен рок, па кога работникот го поднесува отказот, отказниот рок според Законот е еден месец или според договорот за вработување односно колективниот договор тој рок може да трае до три месеци. Но, Законот определува и ситуации во кои откажувањето на договорот за вработување од страна на работникот може да биде и без отказен рок, тоа се ситуациите утврдени во член 100 став 1 од Законот, па во тие ситуации работникот има право на испратнина и на обесштетување.
Во врска со надомест на штета што е предизвикана на работодавачот од страна на работникот, членот 156 од Законот определува дека „работникот кој на работа или во врска со работата намерно или од тешка небрежност му предизвика штета на работодавачот е должен да ја надомести“ (став 1). „Ако повеќе работници предизвикаат штета секој меѓу нив е одговорен за оној дел на штетата што го предизвикал“ (став 2). „Ако за секој работник не е можно да се утврди колкав дел од штетата предизвикал, сите работници се еднакво одговорни и ја надоместуваат штетата во еднакви делови“ (став 3). „Ако повеќе работници предизвикале штета со намерно казниво дејствие, за штетата се солидарно одговорни“ (став 4).
Според член 157 од Законот, „ако утврдувањето на висината на штетата би предизвикало несразмерни трошоци, обесштетувањето може да се определи во паушален износ, ако случаите на штетните дејствија на работникот и висината на паушалното обесштетување се определени со колективен договор.“
Од цитираните законски одредби произлегува дека работникот има обврска да ја надомести штетата предизвикана на работодавачот ако намерно или од тешка небрежност при вршењето на работата или во врска со работата предизвика штета, при што обесштетувањето на работодавачот може да се определи и во паушален износ доколку утврдувањето на висината на штетата би предизвикало несразмерни трошоци, но во таа ситуација со колективен договор мора да се определат случаите на штетните дејствија на работникот и висината на паушалното обесштетување.
Во конкретниот случај, оспорениот член 84 од Колективниот договор во АД „Палтекс“ од Делчево уредува ситуација кога (1) работникот ќе даде отказ без отказен рок и без да наведе причина определена во членот 100 став 1 од Законот за работните односи, при што во тој случај (2) работодавачот има право на обесштетување во висина од една или три месечни плати на работникот во зависност од работните задачи што ги извршувал работникот, поради пореметување на работниот процес и настанатата штета од тоа за работодавачот. Но, Судот оцени дека определувањето во колективен договор обврска на работникот да го обесштети работодавачот при таков отказ од страна на работникот, во ситуација кога Законот за работните односи не предвидува таква обврска за работникот, значи предвидување во колективниот договор одредба која не е поповолна за работникот и претставува помало право за работникот од правата што тој ги има според Законот за работните односи. Поради тоа, Судот утврди дека таквата одредба од Колективниот договор во АД „Палтекс“ од Делчево не е во согласност со член 12 ставовите 2 и 3 од Законот за работните односи, според кои со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон и дека со колективен договор може да се определат права кои за работниците се поповолни отколку што ги определува Законот за работните односи, а со тоа ниту со другите наведени законски одредби, како и со означените одредби од Уставот на Република Македонија.
Тргнувајќи од тоа дека содржината на членот 86 од Колективниот договор за текстилна индустрија на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.220/2015) е иста со содржината на членот 84 од Колективниот договор во АД „Палтекс“ од Делчево, Судот утврди дека и членот 86 од наведениот грански колективен договор не е во согласност со наведените уставни и законски одредби.”