- Големина на фајлот 966.90 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање декември 13, 2021
- Последна промена јули 11, 2024
Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-425/21
(...) „Во конкретниот случај основано во жалбата се укажува дека првостепениот суд не кажува која одредба од договорот за вработуање склучен меѓу странките е во спротивност со општите одредби за правата, обврските и одговорностите на договорните страни определени со закон, Колективен договор, односно акт на работодавачот. Покрај тоа што утврдува првостепениот суд ништовност на договорот се повикува и на член 53 став 1 од ЗОО, дека страната која е во заблуда може да бара поништување на договорот поради суштествена заблуда односно ако пред склучување на договорот не постапувала со внимание кое се бара во прометот. Бидејќи тужителот ја употребил фалсификуваната диплома и сведителства за завршено средно образование како вистинити, според првостепениот суд го донел тужителот во заблуда да го склучи договорот за вработување, меѓутоа немал во предвид дека тужителот не бара да се поништи договорот за вработување поради мани во волјата, туку како е наведено во петитумот на тужбата, бара да се утврди дека е ништовен и не произведува правно дејство. Судот го уважи тужбеното барање и утврди дека договорот е ништовен и не произведува правно дејство, меѓутоа не наведе во што се состои ништовноста и која одредба од договорот со која друга одредба определена со закон, Колективен договор или акт на работодавачот е во спротивност.
Во конкретниот случај основано во жалбата се укажува дека сведителствата и дипломата на тужениот му биле вратени, истите не биле одземени и произведуваат правно дејство, бидејќи не се поништени. Овој суд смета дека тужителот во текот на постапката не докажа дека сведителствата и дипломата за завршено средно образование се фалсификат, бидејќи тоа не може да се докажува со известие од директорот на училиштето, а тужителот не приложи никакви други докази, ниту предложи увид во книгите или графолошко вештачење на потписите на дипломата и сведителствата и валидноста на печатот. Сето тоа првостепениот суд го утврдил само врз основа на известувањето на директорот и неговата изјава што не може да се прифати дека се работи за фалсификувани сведителства и диплома како заклучил првостепениот суд од изведените докази.”