- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 970.62 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање октомври 31, 2022
- Последна промена јули 21, 2024
Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-316/22
(...) „Од изведените докази и утврдените факти, несомнено произлегува дека на 31.08.2020 година бил извршен надзор над работењето и водењето на работната и оперативната евиденција од страна на водичите на безбедносни реони во ПО Н., при што било констатирано дека последен пат секторските досиеја биле ажурирани во месец декември 2019 година и било констатирано дека во списокот на ангажирани полициски службеници стоел командирот на ПО Н. Н.Т., наместо сегашниот командир на ПО Н. П.С. и дека во списокот на ангажирани УПС на втор реон стоел П.Т. кој бил прераспореден во ПО В. Пред повеќе од 8 месеци, а кое нешто било во спротивност со Правилникот за организација и начинот на работа на водичот на безбедносниот реон. Исто така при надзорот било констатирано дека не се воделе посебно обрасци за секој безбедносен реон од страна на водичите засебно за својот реон, а за периодот јули-август 2020 година, иако имало констатирано настани, истите не биле внесени, а било констатирано и дека не се водат посебни обрасци за секој безбедносен реон од страна на секој водич за својот реон. Исто така не се воделе ни посебни обрасци за примени поплаки од граѓани. За настан кој бил заведен во книга за дневни настани од 04.06.2020 година за извршена кражба во с. Г., било отворено помошно досие, но во истото немало изготвен план за реализација од страна на водичот за безбедносен реон, а кое нешто било негова обврска. При ваква состојба, односно при несомнено констатирани пропусти на тужителот во извршувањето на неговите работни задачи на работното место, Овој суд оценува дека правилно утврдил и прифатил тужениот дека со ваквото однесување на тужителот на неговото работно место ги сторил повредите од горе наведените одредби од Колективниот договор на МВР и Законот за внатрешни работи и правилно со побиваното решение тужениот му изрекол на тужителот парична казна во износ од 15% од последната исплатена месечна нето плата на работникот во траење од 2 месеци, односно дека побиваното решение на тужениот за изречената парична казна е правилно и законито донесено. Ова од причини што во член 187 од Законот за внатрешни работи пропишано е што претставува потешко кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со Закон, Колективен договор, правилата и прописите на министерството и договорот за вработување, а особено ако работникот не ги извршува или несовесно и ненавремено ги извршува работните обврски и не се придржува кон прописите кои важат за вршење на работите на работното место, а од доказите и утврдените факти несомнено произлегува и се утврдува дека тужителот ја сторил ваквата повреда, односно не се придржувал кон прописите кои важат за вршење на работите на работното место предвидени во актот за систематизација за предметното работно место и Правилата за начинот на работа на безбедносниот реон, па неправилно прифатил првостепениот суд дека во конкретниот случај однесувањето на тужителот, односно неговите пропусти во работењето не претставувале потешко кршење на работниот ред и дисциплина, а ниту пак неисполнување на работните обврски утврдени со Закон, Колективниот договор и правилата и прописите на МВР. Исто така, имајќи го во предвид фактот дека дисциплинската постапка била прекината согласно Колективниот договор на тужениот, во конкретниот случај нема ниту застареност за водење на дисциплинската постапка, односно дека не е поминат, ниту субјективниот, а ниту пак објективниот рок за водење на постапката и за донесување на соодветна одлука во истата.”