- Version
- Преземи 10
- Големина на фајлот 150.90 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање март 25, 2015
- Последна промена август 13, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-358/14
Во конкретниот случај се работи за донесена одлука според чл. 78 од ЗРО, но во смисла на одредбата од чл. 72 и 85 од ЗРО, истата не содржи образложение на основот и причините за откажување на договорот за вработување, кое нешто е од суштествено значење при давањето на отказот. Изнесените причини на работодавачот во одлуката дека се дава престанок на работниот однос поради поефикасно искористување на работните способности не се доволна причина за образложение за дадениот отказ.
Според тоа, смислата на одредбите од чл. 72 и 85 од ЗРО се состои токму во тоа да се даде конкретно образложение на оправданоста на отказот, со факти и докази, односно, согласно со истите, основана причина за отказот не може да бидат општи наводи за поефикасно искористување на работните способности на работникот.
Тужениот како работодавач ја донел оспорената одлука за откажување на договорот за вработување со која му го откажува договорот за вработување на тужителот (работникот) повикувајќи се на чл. 78 од ЗРО, не дал доволно образложени причини за откажување на договорот за вработување во смисла на чл. 72 и чл. 85 од ЗРО, односно истиот ниту во наведената одлука, ниту во текот на постапката не ја докажал основаноста на причината која го оправдува отказот.
Дадените причини за отказот наведени во образложението на оспорената одлука, како подобро искористување на работната способност и работните капацитети на тужителот и очекувањата истиот да оствари подобри резултати на понуденото работно место не претставуваат доволни причини во смисла на чл. 72 и чл. 85 од ЗРО, од кои ќе произлезе основаноста на отказот. Ова дотолку повеќе што, фактот дека тужителот со тужениот како работодавач го потпишал новиот изменет договор за вработување на неопределено време за понуденото работно место не може да претставува негова согласност за распоредување на друго работно место, посебно имајќи ја предвид одредбата од чл. 78, ст. 3 од ЗРО, каде
што е утврдено дека ако работникот во случајот од ст. 1 на овој член ја прифати понудата на работодавачот, нема право на отпремнина поради престанување на претходниот договор за вработување, но го задржува правото да ја оспорува пред надлежниот суд одлуката за промена на договорот за вработување.
Меѓутоа, основано во жалбата на работодавачот се наведува дека првостепениот суд нема законско право да наложи работникот да се врати на работно место на кое работел претходно и согласно закон, во таков случај доколку е повредена постапка и слично, судот може да одлучи да го врати работникот на работа на работно место соодветно на неговата стручна подготовка, но не и на работно место на кое тој работел претходно.
Со оглед дека чл. 78 од ЗРО е во главата за откажување на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот, судот ги применува сите одредби од Законот за работните односи кои се однесуваат за престанокот на работниот однос, па имајќи предвид дека во случајот е поништена одлуката за отказ на тужителот-работникот, овој суд го задолжи работодавачот да го распореди тужителот-работникот на работно место соодветно на неговата стручна подготовка, што е во согласност и со одредбата од чл. 102, ст. 2 од ЗРО.