- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 523.16 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање април 1, 2015
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-478/14
„(...) кога работодавачот го откажува договорот за вработување, во својата одлука е должен да го наведе основот за откажување на договорот за вработување и во истата да го образложи откажувањето на договорот за вработување, односно да наведе на кој начин, со кои дејствија, во кој временски период и слично работникот сторил повреда на работниот ред и дисциплина. Тужениот донел одлука (...) од 2.9.2013 година со која му го откажал договорот за вработување на тужителот врз основа на чл. 62, ст. 1, т. 5 и чл. 82, ст. 1 и 2 од ЗРО поради кршење на работниот ред и дисциплина. Видно од содржината на одлуката, се утврдува дека истата нема образложение, односно во истата не се наведени дејствијата со кои тужителот сторил повреда на работниот ред и дисциплина, на кој начин не го почитувал работниот ред и дисциплина, ниту пак е наведено кога и во кое време тужителот со своите дејствија ја сторил повредата која му се става на товар, односно не се наведени кои се тие три последователни дена кога тужителот неоправдано изостанал од работа, односно кои се тие 5 работни дена кога неоправдано изостанал од работа во текот на една година, туку во истата само е наведено дека од 26.8.2013 година до денеска именуваниот се нема јавено на управителот за добивање работни задачи. Поради ова не може да се цени поради што е откажувањето, односно дали откажувањето на договорот за вработување е поради неоправдано изостанување од работа 3 последователни дена или поради неоправдано изостанување од работа 5 работни дена во текот на една година, а кое изостанување воопшто не е содржано во предметната одлука.
Исто така, оспореното решение не содржи правна поука за правото на работникот да истакне приговор до орган на работодавачот надлежен да одлучува по приговорот, ниту рок за поднесување на приговор, кое нешто е спротивно на чл. 74, ст. 2 од ЗРО.
Оттука, во услови кога одлуката за откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина не ги содржи сите законски елементи, правилно првостепениот суд нашол дека одлуката на тужениот со која му е откажан договорот за вработување на тужителот не е во согласност со законот и дека тужениот не ја докажал основаноста на причината за откажување на договорот за вработување.”