- Version
- Преземи 6
- Големина на фајлот 455.45 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 11, 2020
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1657/19
„(...) во ст. 5 од чл. 181 од Законот за работните односи е уредено правното прашање кога работникот се стекнува со правото да поведе спор пред надлежниот суд и притоа се опфатени две ситуации, и тоа првата кога работодавачот не донел одлука по приговорот, а втората кога работодавачот донел одлука по приговорот. Кога работодавачот не донел одлука по приговорот во рок од 8 дена од денот на поднесување на приговорот, работникот во наредниот рок од 15 дена може да поведе спор пред надлежниот суд, а кога работодавачот донел одлука по приговорот пред истекот на рокот од 8 дена, рокот од 15 дена за поднесување тужба пред надлежниот суд започнува да тече од денот на приемот на одлуката донесена по приговорот.
Во конкретниот случај, видно од списите во предметот, произлегува дека тужителката решението на тужениот за прекин на договорот за работа поради возраст на работникот (остварување старосна пензија) уредно го примила на ден 23.5.2017 година преку огласна табла, а против истото на ден 30.5.2017 година поднела жалба до тужениот, односно во рокот од 8 дена согласно со чл. 181, ст. 2 од ЗРО. Тужениот по поднесената жалба требал да донесе одлука во рок од 8 дена, односно заклучно со 7.6.2017 година во согласност со одредбата од чл. 181 од ЗРО. Законскиот рок за поведување судска постапка пред надлежен суд започнал да тече за тужителката од 8.6.2017 година заклучно со 22.6.2017 година. Видно од приемниот печат, тужбата тужителката ја поднела до Основниот суд Скопје II С. на ден 16.6.2017 година, што значи предметната тужба е изјавена во рокот од 15 дена, по истекот на рокот од 8 дена во кои работодавачот не донел одлука по приговорот, односно истата е изјавена во законски предвидениот рок во чл. 181, ст. 5 од ЗРО.
Во конкретниот случај, тужителката навршувала 64-годишна возраст на ден 20.7.2017 година и истата поднела писмена изјава за продолжување на договорот за вработување на 11.4.2017 година, односно писмената изјава ја дала во тековната година најдоцна до 31 август за продолжување на договорот за вработување за наредната година, со што постапила во согласност со чл. 104, ст. 3 од ЗРО за остварување на законско предвиденото право за продолжување на договорот за вработување. Од оваа причина правилно одлучил првостепениот суд кога го усвоил тужбеното барање на тужителката и го поништил решението за прекин на договорот за работа поради возраст на работникот (остварување на старосна пензија) како незаконито.
Предмет на оцена беше и жалбениот навод дека бил извршен инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за труд при што не биле констатирани повреди на ЗРО, меѓутоа по наоѓање на овој суд, истиот не може да биде основа за донесување за поинаква пресуда од обжалената. Ова од причина што тужителката постапила во согласност со одредбата од чл. 104, ст. 3 од ЗРО („Сл. в. на РМ”, бр. 167 од 28.9.2015 година), односно истата поднела писмена изјава за продолжување на договорот за вработување за една година кај тужениот на 11.4.2017 година, односно пред 31 август во тековната година, па тужениот неосновано го донел решението за прекин на договорот за работа поради возраст на тужителката.”