Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-794/14

  • Version
  • Преземи 1
  • Големина на фајлот 522.90 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање септември 16, 2015
  • Последна промена август 5, 2023

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-794/14

„Неосновани се жалбените наводи на тужениот во кој наведува дека првостепениот суд не утврдил дали и кога тужителката до тужениот доставила боледување за период по 08.11.2012 година што е клучно за донесување правилна и законита одлука, од причина што дотолку тужителката не го известила тужениот, дека продолжува со боледување, тужениот не можел да знае дали истата е оправдано или неоправдано отсутна па согласно со тоа истиот ја донел одлуката по чл. 82, ст. 1, т. 1 од ЗРО. Исто така, неосновани се жалбените наводи во кои наведува дека првостепениот суд погрешно утврдил дека тужителката не го прекршила работниот ред и дисциплина во смисла на чл. 82, ст. 1, т. 1 од ЗРО, бидејќи тужителката оправдано не била на работа, односно била на боледување.

Неосновани се жалбените наводи на тужениот во кои наведува дека тужениот немал сознание дека тужителката била на боледување за период по 08.11.2012 година и при немање на сознание за причините на отсуството на тужителката, за тужителот истата била неоправдано отсутна, па согласно со тоа била донесена Одлуката по чл. 82, ст. 1, т. 1 од ЗРО, а не по чл. 81, ст. 1, т. 6 од ЗРО, бидејќи истата ќе ја применил само во случај кога тужениот би имал сознание дека тужителката има боледување, но за тоа не го известила работодавачот во законскиот рок од 48 часа.

Ова од причина што, видно од одлуката за откажување на договорот за работа по наоѓање на овој суд, а што основано и првостепениот суд го утврдел во својата одлука е дека во конкретниот случај предмет на спор е откажување на договорот за вработување на тужителката поради неоправдано отсуство од работа три последователни дена согласно со одредбата од чл. 82, ст. 1, т. 1 од ЗРО, па во случајот битно е дали тужителката – работникот го оправдал своето отсуство за овие денови.

Имено, по наоѓање на овој суд правилно првостепениот суд врз основа на детална анализа на секој доказ предложен од страна на тужителот и тужениот, како и од исказите на сведоците правилно утврдил дека по овој основ на тужителката не може да ѝ престане работниот однос бидејќи се работи за континуирано боледување на тужителката за кое нешто има уредна медицинска документација и Извештај од лекарска комисија.

Имено, тужителката има доставено Оценка за привремена спреченост за работа (боледување) од 16 до 21 ден и над 21 ден за период од 09.11.2012 година до 30.11.2012 година и Извештај за привремена спреченост за работа бр.4462, со прв ден на спреченост на работа – 01.10.2012 година, а за период од 01.11.2012 година до 30.11.2012 година, поради болест и повреда надвор од работа, што значи дека тужителката за спорните денови 09-ти, 10-ти, 11-ти, 12-ти, 13-ти и 14-ти ноември 2012 година го има оправдано своето отсуство од работа.

Па оттука, во услови кога се работи за континуирано боледување на тужителката, истата има уредна медицинска документација и Извештај од лекарска комисија за спорниот период на кој начин го известила тужениот дека ќе биде отсутна од работа, произлегува дека истата го има оправдано своето отсуство од работа, што значи дека истата не ги прекршила работниот ред и дисциплина, односно произлегува дека во конкретниот случај не се исполнети законските услови од чл. 82, ст. 1, т. 1 од ЗРО и се работи за незаконит престанок на работен однос.

Од горенаведеното произлегува дека, правилно првостепениот суд утврдил дека тужениот извршил погрешна квалификација на кршењето на работниот ред и дисциплина за кое сметал дека постои, бидејќи тужителката ја терети за неоправдано отсуство од работа три последователни работни дена, при тоа не го земал континуираното боледување на тужителката за кое отсуство тужителката има уредна медицинска документација и Извештај од лекарска комисија.

Оттука, се јавува како неоснован и жалбениот навод на тужениот во кој наведува дека судот ја меша одредбата од чл. 82, ст. 1, т. 1 и одредбата од чл. 81, ст. 1, т. 6 од ЗРО, како и тоа дека погрешно утврдил дека одлуката на тужениот е незаконита затоа што тужениот извршил погрешна квалификација на кршење на работниот ред и дисциплина.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1306/14
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право