Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1466/14

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 569.79 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање октомври 7, 2015
  • Последна промена август 5, 2023

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1466/14

„(...) и по наоѓање на овој суд, во конкретниот случај не постои основана причина за отказ од чл. 82, ст. 1, т. 4 од ЗРО бидејќи тужителот не може да се терети дека извршува работи под дејство на алкохол, кога алкотестот не е спроведен ниту од тужениот како работодавач ниту, пак, во работните простории на тужениот или на места каде што тужителот извршувал работни налози. Имено, тужителот на критичниот ден, како што наведува тужениот во својата одлука, го напуштил порано работното место без дозвола и се упатил накај дома, при што на излезот од Струмица учествувал во сообраќајна незгода и имал присуство на алкохол од 0,6 промили, па оттука во услови кога незгодата е случена со сопствено возило, на пат кон дома и надвор од работното време, па тужениот како работодавач не може да прифати дека количеството на алкохол од 0,6 констатирано кај тужителот при склучената сообраќајна незгода на ден 06.09.2013 година кон излезот на Струмица од страна на МВР е случено во рамките на работното време и при извршување на работните задачи и да се прифати дека е исполнет условот од чл. 82, ст. 1, т. 4 од ЗРО. Имено, според содржината на одредбата од чл. 82, ст. 1, т. 4 од ЗРО произлегува дека повреда на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски има во случај кога работникот внесува, употребува или е под дејство на алкохол и наркотични средства, што во конкретниот случај тужениот како работодавач согласно со правилата на товарот на докажување, видно од списите во предметот, не приложил ниту еден доказ како би се утврдил фактот дека тужителот сторил кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски на начин што истиот внел, употребил или бил под дејство на алкохол и наркотични средства за време на работното време и извршување на работните задачи.

Ова дотолку повеќе што и видно од содржината на оспорената одлука, а кое нешто не е оспорено од страна на тужениот, во критичниот ден работните задачи биле во целост извршени од страна на тужителот, односно истиот ги извршил работните налози за конкретниот ден што значи дека не може да стане збор за кршење на работниот ред и дисциплина и исполнување на условите од чл. 81, ст. 1, точка 1 од ЗРО.

(...) и по наоѓање на овој суд правилно првостепниот суд утврдил дека истата е конфузна, контрадикторна и противречна на самата себе, бидејќи видно од содржината на истата тужениот не разграничил точно дали истата се однесува како резултат на тоа што тужителот го напуштил работното место без дозвола за што согласно чл. 117 од КД предвиден е отказ со отказен рок или, пак, одлуката е донесена поради фактот што тужителот наводно истиот ден ги извршувал работните задачи под дејство на алкохол. Имено, нејасно е како кога тужителот го напуштил работното место да се терети дека е се уште на работа и дека извршува работни задачи под дејство на алкохол, а дотолку повеќе што сообраќајната незгода се случила со сопствено возило, на пат кон дома. Од друга страна, нејасно е како може во услови кога и самиот тужен наведува дека критичниот ден биле извршени сите работни налози од страна на тужителот да се терети тужителот дека сторил кршење на работниот ред и дисциплина во смисла на одредбата од чл. 81, ст. 1, точка 1 од ЗРО и да се донесе одлука за откажување на договор за вработување.

Согласно со горенаведеното, а во услови кога тужениот како работодавач согласно со правилата на товарот на докажување не докажал дека тужителот навистина го напуштил работното време без дозвола, а имајќи предвид дека согласно со исказот на сведокот С. Ч., непосредно претпоставена на тужителот и изјавата нејзина своерачно потпишана и заверена кај тужениот произлегува дека вработените кај тужениот вклучувајќи го и тужителот останувале прекувремено на работа, а притоа често и порано ги пуштале да си одат со оглед да некои живееле на поодалечни места како што е тужителот, ниту тужениот докажал дека тужителот сторил кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски на начин што истиот внел, употребил или бил под дејство на алкохол и наркотични средства за време на работното време и извршување на работните задачи, правилно првостепениот суд утврдил дека тужениот донел незаконита одлука за откажување на договорот за вработување без отказен рок бр.04-9257/4 од 21.10.2013 година и истиот не докажал дека во конкретниот случај се исполнети условите од чл. 81, ст. 1, т. 1 од ЗРО и чл. 82, ст. 1, т. 4 од ЗРО.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-650/14
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право