- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 326.48 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање декември 24, 2009
- Последна промена август 5, 2023
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-786/09
„(...) првостепениот суд правилно оценил дека со тоа што на тужителката за деновите 26, 27 и 28.02.2007 година не ѝ било одобрено отсуство од работа од овластено лице – директорот на тужениот ниту, пак, од истиот ѝ било донесено решение за одобрено службено патување во овие денови, како и дека тужителката не поднела писмено барање до надлежните служби кај тужениот за користење на годишен одмор или, пак, за службено патување на овие денови, сторила кршење на работната дисциплина, односно неоправдано отсуство од работа три последователни работни дена и дека тужениот за истата правилно ѝ изрекол престанок на работниот однос без отказен рок поради што и одлучил тужбеното барање на тужителката да го одбие како неосновано.
При донесувањето на ваквата одлука првостепениот суд правилно го применил и материјалното право, поточно одредбите од член 70, ст. 2 и чл. 82, ст. 1, т. 1 од Законот за работните односи и одредбите од член 54 од Законот за здравствено осигурување, како и членот 12, ст. 4, т. 7 и точка 11 од Статутот на тужениот.
Овој суд ги ценеше и жалбение наводи на тужителката дека решението за престанок на работниот однос содржело недостатоци од формален карактер, затоа што со истото не ѝ бил откажан договорот за вработување, туку ѝ бил изречен престанок на работниот однос, меѓутоа истите не ги прифати од причина што напред наведената формулација во услови кога е сторено крешење на работната дисциплина не може да се прифати како основ за поништување на решението за престанок на работниот однос на тужителката и затоа што со престанокот на работниот однос фактички се откажува и договорот за вработување.
Неосновани се и жалбените наводи на тужителката дека за водената дисциплинска постапка за прв пат дознала во моментот за врачувањето на решението, односно не ѝ била дадена можност да се произнесе по однос на наводите дадени во решението. Ова од причина што ваквиот евентуален пропуст не значи и оневозможување на тужителката да се произнесе по наводите – причините за престанокот на работниот однос, затоа што ваква можност ѝ е дадена во текот на водената постапка пред првостепениот суд.
Овој суд ги ценеше и жалбените наводи на тужителката дека првостепениот суд при донесувањето на обжалената пресуда вршел увид само во една книга за редовност и дека поради тоа погрешно ја утврдил фактичката состојба, меѓутоа истите не ги прифати од причина што првостепениот суд вршел увид во книгата за редовност бр. 37 и во книгата за редовност број 44 и притоа утврдил дека во книгата број 37 тужителката се потпишала на 20.02.2007 година само за доаѓање на работа, а во книгата за редовност на работа бр. 44 се потпишала за деновите 20, 21 и 22.02.2007 година за доаѓање и одење на работа, додека за 23.02.2003 година се потпишала само за доаѓање на работа. Оттука по оценка на овој суд и доколку се прифати дека во овие денови тужителката не отсуствувала од работа со тоа што за деновите 26, 27 и 28.02.2007 година не поднела писмено барање за отсуство од работа поради користење на годишен одмор за службено патување или, пак, одобрување на службено патување до надлежните служби кај тужениот и од директорот на тужениот не ѝ е одобрено овие денови да отсуствува од работа поради користење на годишен одмор или службено патување, произлегува дека овие три дена неоправдано отсуствувала од работа, а со тоа дека е исполнет условот утврден со одредбата од член 82, ст. 1, т. 1 од ЗРО, да ѝ биде изречен престанок на работниот однос.”