- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 511.31 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање септември 13, 2017
- Последна промена август 6, 2023
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-650/16
„(...) правилно првостепниот суд прифатил дека до повредувањето на тужителот дојдено е единствено поради вина на тужениот кој не извршил навремена поправка на скелето од кое се откачила заштитната пречка мосницата од скелето и паднал. При тоа, првостепениот суд правилно утврдил дека постои директна причинско-последична врска помеѓу неисправното скеле кое во критичниот момент од стручно лице не било проверено дали е безбедно за работа и повредувањето на тужителот на работното место во текот на извршувањето на работните задачи, како и дека тужениот бил должен да ја надомести штетата во целост со оглед дека нема придонес на страната на тужителот.
Во смисла на законските одредби од Законот за безбедност и здравје при работа, тужениот не ги презел сите потребни мерки за спречување на настанување на евентуална штета при извршување на работните задачи на скелето од страна на вработените. Тужениот бил должен да ги преземе сите потребни мерки за спречување и намалување на ризиците по безбедноста и здравјето при работа, бидејќи скелето претставува опасна ствар од причина што од неговата употреба произлегува зголемена опасност за околината. Согласно чл. 5 од Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата. Во рамките на неговите обврски работодавачот мора да преземе мерки потребни за безбедност и здравје при работа на вработените, вклучувајќи заштита и обезбедување соодветна организација и потребни средства. Работодавачот има обврска да воведе такви заштитни мерки и да избере такви работни и производствени методи кои ќе го подобрат нивото на безбедноста и здравјето при работа, а ќе се вклучат во сите дејности на работодавачот и на сите нивоа на организацијата.
Во конкретниот случај, одговорните лица кај тужениот не посветиле должно внимание на работните услови и можните опасности кои постојат при употреба на скелето, така што тужителот пред да започне да работи, компетентно лице определено од тужениот имал обврска да провери дали скелето е безбедно за работа, па потоа да се спроведат потребните мерки за безбедност со навремена, сигурна проценка и отстранување на ризиците од опасност при работата. Ова дотолку повеќе што, тужениот за скелето немал сертификат за употреба и скелето го монтирале работници кое не биле стручно обучени за монтажа на скелиња и на тој начин биле изложени на можна опасност работниците кои работеле на скелето. Ова значи, дека повредата кај тужителот е настаната поради пропусти на тужениот како работодавач кои бил должен да води сметка за исправноста и безбедноста на средствата за работа, па поради таквиот пропуст дошло до откажување на мосницата од скелето која имала заштитна функција и дошло до паѓање на тужителот.
Првостепениот суд ценејќи ги наодите и мислењата на вештите лица, поклонил верба на наодот и мислењето на вештото лице К. Ј. кој во извршеното вештачење преку прелиминарен увид и генерален увид, односно увид во матичната фирма и увид во фирмата во која дошло до повредување на работникот констатирал дека работодавачот е должен средствата за работа - скелето да го одржува во исправна состојба, да назначи стручно лице за безбедност и спроведе обука на работниците за безбедно извршување на работите врз основа на сопствена програма, треба да ги преземе сите мерки и активности кои ќе ја елиминираат или во доволна мера намалат веројатноста од предизвикување повреда на работа или професионално заболување на работникот. Тужителот бил распореден на работно место лимар и бил оспособуван за работно место помошник лимар, односно тужителот не се стекнал со потребното знаење и не добил потребни информации за опасностите и штетностите на неговото работно место, како и за мерките и активностите за заштита на работа на скелето, а не бил во можност да одбие извршување на работа заради изложеност на непосредна опасност со оглед дека не бил информиран за работи од кои би можел да заклучи дека потребно било да ја одбие работата.
Според тоа, правилно одлучил првостепениот суд кога делумно го усвоил тужбеното барање на тужителот наоѓајќи дека нема придонес на страна на тужителот, а тужениот е целосно одговорен за случувањето на несреќата на работа и штетните последици од повредувањето на тужителот при падот од скелето.”