- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 319.52 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 23, 2016
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.110/2015
„(...) правилен е заклучокот на пониските судови дека тужителката не ја сторила повредата што и се става на товар и дека во врска со работата намерно или со крајно невнимание не предвизикала штета на работодавачот, па правилно го примениле материјалното право кога го усвоиле тужбеното барање и ги поништиле како незаконити решението за откажување на договорот за работа и одлуката на Управниот одбор на тужениот и го задолжиле тужениот да ја врати на работа на работно место кое одговара на стручната подготовка, а притоа утврдувајќи дека не се исполнети законските претпоставки од член 82 став 1 точка 5 од Законот за работни односи и член 106 став 1 точка 5 од Колективниот договор.
Врховниот суд на Република Македонија, наоѓа дека во конкретниот случај тужениот не ја докажал основаноста на причината за откажување на договорот за вработување, бидејќи иако тужителката била раководител на РЕ за правни, кадровски и општи работи и била одговорна за извршување на правните работи кај тужениот, сепак за поведување на постапка пред извршител по правосилната и извршна пресуда, немала добиено ниту усмен ниту писмен налог од претпоставените лица, ниту полномошно за да преземе такво дејствие.
Неосновани се ревизиските наводи дека претпоставените лица не знаеле дека треба да се поведе постапка за извршување на пресудата пред извршител, од причина што согласно овластувањата и обврските по закон кои произлегуваат од позицијата на директор, односно менаџер, биле должни да знаат како се постапува по утврдени побарувања по правосилни и извршни судски одлуки. Дотолку повеќе што спорното побарување било нотирано во извештаите на формираните комисии за попис на побарувањата како спорно побарување и во завршните сметки било прикажано како ненаплатено, а завршните сметки ги потпишувале директорот и менаџерот на тужениот, па правилно пониските судови заклучиле дека тие како одговорни лица морале да знаат за спорното побарување и да дадат насоки, односно налог во правната служба за преземање на соодветни правни дејствија за извршување на истото.
Врховниот суд на Република Македонија, наоѓа дека правилно пониските судови утврдиле дека тужителката не ја сторила повредата што и се става на товар, бидејќи таа како вработен правник кај тужениот немала овластување од претпоставените лица за поведување на постапка пред извршител. При утврдено дека во случајов не се исполнети законските претпоставки од член 82 став 1 точка 5 и член 106 став 1 точка 5 од Колективниот договор и дека не постои вина кај тужителката за настанување на материјалната штета која ја претрпел тужителот поради ненаплатено побарување по правосилна и извршна судска пресуда, правилен е заклучокот на пониските судови дека решението за отказ е незаконито и дека тужениот е во обврска да ја врати тужителката на работа.”