- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 844.98 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање март 27, 2019
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.31/2018
„(...) според наоѓањето на Врховниот суд на Република Северна Македонија, во конкретниот случај правилно пониските судови го примениле материјалното право кога согласно чл. 82 од Законот за работните односи (Службен весник на РМ бр. 62/05), чл. 134 ст. 1 т. 7, 8 и 14 и чл. 143 од КД на М. го усвоиле тужбеното барање на тужителот наоѓајќи дека тужениот не утврдил со сигурност дека тужителот примил поткуп, односно во решението за откажување на договорот за вработување не е наведено на кој начин тужителот ја сторил повредата која му се става на товар.
Имено, според Врховниот суд на Република Северна Македонија правилно пониските судови заклучиле дека тужениот со ништо не докажал дека тужителот постапил спротивно на правилата и прописите на Министерството (...) и дека ги злоупотребил и ги пречекорил овластувањата, односно не докажал дека тужителот ги сторил дејствијата и не ги поткрепил со ниту еден доказ причините кои што ги наведува врз основа на кои е донесено решението со кое му престанал работниот однос кај тужениот, заради што утврдиле дека решението за откажување на договорот за вработување е незаконито.
Наводите на тужениот во ревизијата дека со пресуда КОК бр.56/12 од 16.02.2016 година на Основниот суд Скопје I Скопје, тужителот е огласен за виновен за кривично дело – Злосторничко здружување од член 394 в.в. со став 2 од КЗ и примање на поткуп по член 357 став 2 в.в. со член 45 од КЗ и изречена му е алтернативна мерка условна осуда, заради што пониските судови не може да се повикуват на непостоење на пресуда донесена во кривична постапка со која сега тужителот е огласен за виновен за дејствијата заради кои е и донесено решението за престанок на работниот однос, Врховниот суд на Република Северна Македонија ги ценеше, но најде дека се неосновани. Ова од причина што, пресудата на која се повикува тужениот во ревизијата истата ја доставил во текот на жалбената постапка поточно во дополнението на својата жалба, односно после законски предвидениот рок предвиден во член 271 став 1 од Законот за парничната постапка (Службен весник на РМ бр.79/05...116/10) како и фактот дека истата сеуште не е правосилна.”