- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 512.97 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање февруари 26, 2020
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.63/2019
„Правилно судовите го примениле материјалното право кога го усвоиле тужбеното барање на тужителката, од причина што според член 72 и 74 од Законот за работните односи, работодавачот кога го откажува договорот за вработување, во својата одлука е должен да го наведе основот за откажување на договорот за вработување и да го образложи откажувањето на договорот за вработување, со наведување на кој начин, со кои дејствија, во кој временски период работникот сторил повреда на работниот ред и дисциплина, па врз основа на наведеното да се ценат и околности во постапката, дали работникот сторил повреда на работниот ред и дисциплина.
Во конкретниот случај, од утврденото произлегува дека иако тужениот во одлуката се повикал на одредбите од член 74 од Законот за работните односи, во образложението не навел поконкретно со кои дејствија, односно со кои зборови тужителката се обратила недолично спрема клиентот на тужениот, за да може да се цени основот на повредата поради која е изречен престанокот на работниот однос. Во оспорената одлука не е наведено во што се состои несовесното извршување на работните обврски и непридржување кон прописите што важат за вршење на работите на работното место, за да бидат исполнети одредбите од член 81 став 1 точка 1 од Законот за работните односи, единствено е наведено дека на ден 07.04.2017 година до тужениот пристигнала пријава од клиент за недозволиво и крајно непрофесионално однесување од страна на тужителката која на клиентот му се обратила со викање, користејќи недолични и навредливи зборови, и со тоа вработената го навредила клиентот, но притоа не е наведено кои се тие навредливи зборови со кои тужителката го навредила клиентот.
Од овие причини неосновани се наводите во ревизијата на тужениот, дека судовите погрешно го примениле член 72 и член 74 од Законот за работните односи.
Наводите во ревизијата дека судовите извршиле селективна оцена на доказите, дека кај тужениот била спроведена дисциплинска постапка како и дека тужителката крајно непрофесионално се однесувала и во други случаи, овој суд најде дека се неосновани.
Во случајот од изведените докази, особено од исказот на сведокот Н. Н. и од писмените изјави од присутните во банката, правилно судовите прифатиле дека во конкретниот случај тужениот не ја докажал основаноста за донесување на предметната одлука за престанок на работниот однос, притоа иако (...) како основ за престанок на работниот однос се навредливи зборови, во образложението на одлуката не е наведено конкретно со кои зборови е извршена повредата на работниот ред и дисциплина од страна на тужителката, ниту од доказите произлегло дека тужителката при работењето употребила навредливи зборови, туку однесувањето на тужителката било резултат на претходна некултурна и дрска провокација од клиентот на тужениот со навредливи зборови упатени спрема тужителката.”