Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.185/2016

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 264.86 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање септември 14, 2017
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.185/2016

„(...) по наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови правилно го примениле материјалното право кога го одбиле како неосновано тужбеното барање на тужителот, прифаќајки дека оспорената одлука е донесена во законски спроведена постапка. Ова од причина што, одлуката за откажување на договорот за вработување од деловни причини е донесена согласно одредбите од 76 став 1 точка 3, член 94-а, член 95, член 96 и член 97 од Законот за работни односи, а врз основа на претходно преземени активности од страна на тужениот во насока на целосно почитување на постапката.

Во конкретниот случај, при утврдените факти дека тужениот ги информирал вработените, меѓу кои и тужителот за утврдената потреба од намалување на бројот на работни места за наплатните пунктови заради рационализирање на трошоците и воведување на нов начин на наплата кај тужениот, како и дека синдикалната организација на тужениот била известена и консултирана за состојбата кај тужениот и потребата од откажување на договорот за вработување на работници од деловни причини, правилно пониските судови заклучиле дека од тужениот биле преземени сите активности за ублажување на негативните последици како резулатат на престанување на потребата од работници на работно место каде што бил вработен тужителот.

Во оваа насока, овој суд ги оцени како неосновани наводите во ревизијата за погрешна примена на материјалното право од член 96 став 1 точка 1 и 2 од Законот за работните односи, односно дека тужениот бил должен да обезбеди склучување на нов договор за вработување на тужителот согласно неговата стручна подготовка и квалификација. Ова од причина што, бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ од деловни причини е утврден врз основа на критериумите од колективниот договор на тужениот, на кој начин се утврдува приоритет за задржување на работното место при отказ на договорот поради деловни причини со бодирање на секој работник. При утврдените факти дека тужениот извршил бодирање на работниците на работните места од кои престанала потребата согласно член 108 од КД, при што тужителот бил рангиран на трето место на листата, како и дека по однос на критериумот работна успешност се констатирало дека тужителот не постигнал успешност во работата, по наоѓањето на овој суд тужениот не бил обврзан да му понуди нов договор на тужителот, а со оглед дека тужителот бил пониско рангиран со вкупно 18 бодови поради што на истиот му престанал работниот однос со оспореното решение.

Согласно наведеното, по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, не постои повреда на законските одредби од страна на тужениот при донесување на оспорената одлука за престанок на работен однос на тужителот од деловни причини, бидејќи тужениот во целост ја испочитувал процедурата, односно ги утврдил критериумите според кои требало да се утврди на кои работници ќе им престане договорот за вработување и извршил правилно бодирање и рангирање на работниците од чија работа престанувала потребата кај работодавачот, согласно одредбите од Законот за работни односи и Колективниот договор на тужениот.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-77/17
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право