Решение на Апелационен суд Битола РОЖ-26/22

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 710.20 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање март 29, 2022
  • Последна промена јули 21, 2024

Решение на Апелационен суд Битола РОЖ-26/22

(...) „Во чл. 187 од Законот за внатрешни работи, предвидено е кога работникот врши потешко кршење на работниот ред и дисциплина, а како повреда е предвидено несовесно и ненавремено извршување на работните задачи и непридржување кон прописите кои важат за вршење на работите на работното место, а за кои повреди на тужителот му е изречена парична казна.

Во чл. 196 од Законот за внатрешни работи е предвидено дека решението за изрекување на дисциплинска мерка на работникот Министерот е должен да го донесе во рок од 6 месеци од денот на пријавување на повредата на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, а најдоцна во рок од 12 месеци од денот кога е сторена повредата. Како ден на пријавување се смета денот на поднесување на предлогот за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност од овластен подносител.

Во чл. 217 од Колективниот договор за внатрешни работи, како и чл. 195 од Законот за внатрешни работи, предвидени се случаите кога може да се прекине поведената дисциплинска постапка. Во чл. 218 од Колективниот договор, е предвидено дека одлуката за прекин на постапката ја донесува Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност.

Во чл. 219 од истиот Колективен договор е предвидено дека постапката што е прекината од причините во чл. 217 на овој Колективен договор продолжува кога ќе престанат причините за прекинот, а за престанок на причините и можноста за продолжување на постапката комисијата донесува одлука. Во т. 4 од овој член е предвидено дека роковите што поради прекинот на постапката престанале да течат почнуваат да течат одново од денот кога комисијата ќе донесе одлука за продолжување на постапката.

Во конкретниот случај од страна на првостепениот суд изведено е како доказ решение за прекин на постапката и видно од истото постапката се прекинува сметано од ден 23.03.2021 година. На ден 17.05.2021 година, донесена е одлука за продолжување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност за тужителот. Од оваа одлука произлегува дека дисциплинската постапка против тужителот продолжува сметано од 17.05.2021 година.

Првостепениот суд прифатил дека тужениот не можел да донесе одлука за изрекување на дисциплинска мерка од причини дека поминат е субјективниот рок од 6 месеци сметано од денот на поднесување на предлогот до донесување на решението за изречена дисциплинска мерка, а поминат бил и рокот од 12 месеци сметано од денот на сторувањето на повредата, меѓутоа при одлучувањето не ги имал во предвид одлуката со која е прекината постапката сметано од 23.03.2021 година и одлуката со која е продолжена дисциплинската постапка сметано од 17.05.2021 година.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-19/22
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право