Датум
април 14, 2022
Време
10:00 - 14:00
Локација
Скопје

На 14.4.2022 година во Скопје се одржа работилницата „Усогласеноста на македонското законодавство со Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за елиминирање на насилството и вознемирувањето во светот на работата, бр. 190”, организирана од Меѓународната организација на трудот и Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија. На работилницата учествуваа претставници на академската заедница, судии, адвокати, правници, граѓански активисти и претставници на невладиниот сектор, како и претставници на учесниците во трипартитниот социјален дијалог – Министерството за труд и социјална политика, организациите на работодавачите и на синдикатите.

Работилницата ја отвори Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која истакна дека Министерството за труд и социјална политика го следи развојот на модерното трудово право и новите стандарди во регулирањето на работните односи со цел воведување во нашиот правен поредок и обезбедување целосна и навремена заштита на сите работници. Министерката Тренчевска, се осврна на значењето на Конвенцијата за елиминирање на насилството и вознемирувањето во светот на работата, бр.190 и ги истакна заложбите на Владата на Република Северна Македонија за ратификација на Конвенцијата.

Претседателот на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија, проф. д-р Тодор Каламатиев, го поздрави организирањето на работилницата за презентација на Нацрт-анализата за усогласеноста на македонското законодавство со Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за елиминирање на насилството и вознемирувањето во светот на работата, бр. 190. Професорот Каламатиев нагласи дека е особено значајно Конвенцијата и нејзините одредби да се доближат до стручната фела за да може да се интегрираат во домашното законодавство, како и дека подигнувањето на јавната свест на сите чинители е особено важно за градење поширока стратегија за спречување и заштита од насилството и вознемирувањето.

Националниот координатор на Меѓународната организација на трудот, м-р Емил Крстановски, истакна дека Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за елиминирање на насилството и вознемирувањето во светот на работата ги спојува еднаквоста и недискриминацијата со безбедноста и здравјето при работата во еден ист инструмент, а во неговата срж го става човековото достоинство и почит. Нивната цел е да помогнат да се изгради свет на работа што е праведен и нуди почит и безбедност за сите преку социјален дијалог. Крстановски изрази надеж дека денешната Работилница и определбата на Владата, синдикатите и работодавачите ќе овозможат ратификација на оваа Конвенција во наредните неколку месеци.

На работилницата беше презентирана Нацрт-анализата за усогласеноста на македонското законодавство со Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за елиминирање на насилството и вознемирувањето во светот на работата, бр. 190, од страна на проф. д-р Тодор Каламатиев и Потпретседателот на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија, проф. д-р Александар Ристовски, кои, меѓу другото, ги изнесоа клучните наоди, заклучоци и препораки од Анализата.

Во рамки на настанот беше промовирана националната Кампања за ратификација на Конвенцијата за спречување насилство и вознемирување во светот на работата – За работни места без насилство.

Агенда од настанот.

  • Име на организаторот: Здружение за трудово и социјално право (ЗТСП) и Меѓународна организација на трудот (МОТ)
Previous Првата конференција на Здружението за трудово и социјално право
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право