ПОВИК за пријавување тема за учество на Годишната Конференција

ТРУДОВОТО ПРАВО И ПРОМЕНИТЕ ВО СВЕТОТ НА РАБОТАТА: ЛЕКЦИИ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКОТО РАБОТНО ЗАКОНОДАВСТВО И НЕГОВАТА ПРИМЕНА ВО ПРАКТИКАТА

Meсто: Охрид, Хотел „Метропол”

Датум: 29-30 мај, 2025

Светот на работата веќе неколку децении наназад се соочува со длабоки промени кои се појавуваат под влијание на глобализацијата, новите форми на организација на деловно-производствените процеси и моделите за водење бизнис и технолошките иновации поттикнати од зголемената дигитализација, aвтоматизацијата, вештачката интелигенција и алгоритмичкиот менаџмент.

Промените во светот на работата длабоко го засегнуваат и нереформираното македонско трудово право и законодавство. Дали персоналниот опфат на лица (работници) воспоставен во постоечките прописи во областа на трудовото право и социјалното осигурување е доволно широк да ги покрие сите работници кои имаат потреба од соодветна заштита? Дали и какви регулативни мерки треба да воведе долгоочекуваниот Закон за работните односи во поглед на борбата против неформалната вработеност и работа и какви се перспективите за воспоставување нови нестандардни форми на работа наменети за формализирање на одредени неформални аранжмани и намалување на прекарната положба на работниците? Како да се отстранат правните пречки и да се поттикне вработувањето и работното ангажирање на младите работници (вклучувајќи ги и работниците под 18 години возраст), водејќи сметка за нивните достоинствени услови за работа? Kолку современите технологии влијаат врз начините на кои работодавачите ги остваруваат своите управувачки, нормативни и дисциплински прерогативи во работниот однос и како работодавачите ги остваруваат овие прерогативи кога работното законодавство не ги определува внатрешните општи акти, ниту пак ја одредува нивната содржина, начин на усвојување и однос со останатите извори на трудовото право, а посебно со колективните договори? Дали постоечкиот правен режим на работното време воспоставува јасни граници помеѓу професионалното и приватното време на работниците; дали предвидува механизми за контрола и заштита од прекумерно долгата работа и колку ги овозможува и поттикнува флексибилните и иновативни форми на организација на работните часови во интерес на работниците и работодавачите? Дали правната рамка за заштита на бременоста и мајчинството и мерките и политиките на отсуства од работа ги пресретнуваат сѐ понагласените барања и цели за подобар работно-животен баланс и поголема родова еднаквост не само во сферата на вработувањето и работниот однос, туку и во сферата на вршењето на неплатената работа на грижа во семејството и на други работи во домаќинството? Дали промените во светот на работата, а пред сѐ, зачестената примена на алгоритмичкиот менаџмент, користењето на голем број лични податоци на работниците во работниот однос и зголемената застапеност на различни нестандардни форми на вработување бараат и промени и прилагодувања во правната рамка за регулирање на престанокот на работниот однос и заштитата на работниците од отказ? Какви чекори треба да преземе новото работно законодавство кон проблемите и предизвиците поврзани со зајакнувањето на слободата на здружување и правото на организирање на работниците и колективното договарање? Ова се само дел од поактуелните прашања, дилеми и предизвици кои задираат во индивидуалните и колективните аспекти на работниот однос и кои се очекува да бидат адресирани од страна на новото работно законодавство на Северна Македонија.

Имајќи го предвид претходното, Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија (ЗТСП) упатува Повик за пријавување тема (наслов на труд и апстракт) за учество на Годишната Конференција, наменет за сите заинтересирани теоретичари, практичари и истражувачи од земјата и пошироко. Темата можете да ја пријавите преку електронскиот формулар на следниот линк (https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLScprN2yE1Lycxvz6r7t_RnMUVXyqHeOd08yQ_x9Gy-HeDRTRA/viewform?usp=sharing) или на мејлот ztspsm@gmail.com со назнака: Пријава на труд за учество на годишната меѓународна конференција на ЗТСП. Избраната и пријавена тема, пожелно е колку што е можно повеќе да соодветствува со наведените прашања и дилеми од интерес за претстојните реформи на македонското работно законодавство, односно со поширокиот наслов за промените во светот на работата и глобалните, компаративните и националните трудовоправни одговори кон таквите промени. Темата (насловот на трудот и апстрактот) и конечниот труд се поднесуваат на македонски или англиски јазик. Работни јазици на конференцијата по правило се македонскиот и/или англискиот јазик. По исклучок, трудот може да биде презентиран и на други јазици блиски на мaкедонскиот и кои се разбирливи за слушателите.

Краен рок за пријавување на темите (насловите и апстрактите на трудовите) е 28 март, 2025 година, а за испраќање на конечните трудови е 15 септември, 2025 година.

Конечните трудови се испраќаат на следната e-mail адреса: ztspsm@gmail.com

Упатството за подготвување на трудовите, може да го пронајдете на следниот линк (https://trudovopravo.mk/wp-content/uploads/2020/07/Upatstvo-za-avtori-2023.pdf).

Трудовите ќе бидат презентирани во програмскиот дел од Конференцијата, насловен како „конференциска сесија”. Во рамки на Конференцијата, ќе се одржат и повеќе активности со различни концепти и содржини, кои ќе вклучуваат: промоција на научна монографија, панел-дискусии за актуелни прашања од работното законодавство и неговата примена во практиката и други содржини. Секоја сесија или панел ќе биде проследена со доволно време за интерактивна дискусија со можност за поставување прашања и вклучување на присутните учесници и гости во плодна научна и стручна расправа. Трудовите и останатите содржини од Конференцијата, ќе бидат објавени во Македонското научно и стручно списание за трудово и социјално право „Свет на работата”  (https://trudovopravo.mk/chasopis/).

Организацијата на годишната конференција на ЗТСП и печатењето на публикацијата се поддржани од Меѓународната организација на трудот (МОТ).

                                                                                         Претседател на ЗТСП,

                                                                                Проф. д-р Тодор Каламатиев

Претходно Втора фриленс конференција
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право