Што е работен однос и до каде се протегаат неговите граници? Дали едно лице се наоѓа во работен однос или надвор од него и со какви права се стекнуваат вработените, но и останатите работници кои немаат работноправен статус на вработени? Какви работни аранжмани и форми на работа се среќаваат во т.н. „сиви зони” помеѓу работниот однос и самовработувањето? Кои се спецификите и како да се постигне поголема заштита на работниците во рамки на нестандардните форми на работа? Ова се само дел од прашањата кои се адресирани и за кои се бараат одговори во оваа книга.
Книгата „Работен однос и нестандардни форми на работа” од авторот, проф. д-р Александар Ристовски, опфаќа Предговор, Вовед, Два дела (понатаму разложени во Глави и Оддели), Заклучок и Користена Литература. Првиот дел од книгата е посветен на работниот однос и неговите граници. Вториот дел од книгата е посветен на нестандардните форми на работа, кои се согледуваат во светло на предизвиците на глобализацијата, дигиталната транзиција и (политичкиот и економскиот) пресврт кон неолиберализам. Покрај концепциската рамка на стандардните и нестандардните форми на работа, авторот ги разгледува и следните облици на нестандардни форми на работа: работата на определено време, сезонската работа, привремената и повремена работа, работата со неполно работно време, работата на повик, работата со нулта работно време, тристраната/мултипартитната работа, т.е. работата со посредство на агенција и поддоговарањето.
Kнигата е достапна во просториите на книжарница „Авогадос” сместени на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, а може да се нарача и онлајн преку следниот линк.
Авторот е редовен професор по трудово право на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје.