Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1300/14

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 196.53 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање ноември 26, 2015
  • Последна промена август 14, 2022

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1300/14

„(...) по наоѓање на овој суд, правилно првостепениот суд го применил материјалното право кога го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителката (…) наоѓајќи дека работодавачот – тужениот донел правилна и на закон заснована одлука за откажување на договорот за вработување.

(...) по наоѓање на овој суд, а како што утврдил и првостепениот суд, во дејствијата на тужителката има неисполнување на обврските согласно со ЗРО и актите на работодавачот, односно непридржување кон прописите што важат за вршење на работите за работното место, а со тоа има и несовесно и нестручно извршување на работните задачи и повреда на работниот ред и дисциплина.

Оттука, се јавува како неоснован и жалбениот навод на тужителката во кој наведува дека тужениот не го докажал основот за откажување на договорот за вработување во смисла на одредбата од чл. 72 од ЗРО.

Во прилог на наведеното оди и одредбата од чл. 30, ст. 1 од ЗРО во којшто е пропишано дека Работникот е должен совесно да ја извршува работата на работното место за коешто склучил договор за вработување, во време и на место, коишто се определени за извршување на работата, почитувајќи ја организацијата на работа и деловната активност на работодавачот.

(...) во услови кога (...) се утврдува дека две тендерски постапки за јавна набавка кај тужениот се поништени поради сторени пропусти од страна на тужителката при изготвување на тендерската документација, односно поради неизвршување или несовесно и ненавремено извршување на работните обврски и непридржување кон прописите што важат за вршење на работите на работното место, во услови кога тужителката знаела дека истата имала обврска да ја провери и усогласи тендерската документација согласно со Законот за јавни набавки, дотолку повеќе што истата во својот исказ даден на записник на расправа (...) не го спори фактот дека првата тендерска документација изготвена од нејзина страна била поништена поради сторени пропусти и недостатоци од нејзина страна, а од друга страна, во услови кога тужителката сторила повреда и при примена на материјалното право во однос на внатрешните акти на претпријатието на начин што издала потврда за редовен работен однос и ја потпишала истата (...), кое нешто не спаѓа во доменот на работните должности на работното место на тужителката, ниту имала овластување од својот претпоставен, по наоѓање на овој суд, со овие пропуштените дејствија, непочитувањето на одредбите од Законот за јавни набавки и актите усвоени од тужениот, тужителката ја направила повредата на работниот ред и дисциплина, па првостепениот суд правилно утврдил дека тужениот имал основ да го откаже на тужителката договорот за вработување согласно со чл. 81, ст. 1, т. 2 и 3 од ЗРО и согласно со чл. 43, ст. 1, т. 23 од Статутот на тужениот. Ова дотолку повеќе што и претходно една тендерска постапка за јавна набавка кај тужениот била поништена, поради сторени пропусти од страна на тужителката при изготвување на тендерската документација, односно поради неизвршување или несовесно и ненавремено извршување на работните обврски и непридржување кон прописите што важат за вршење на работните на работното место, за кое има засновано работен однос.

(...) судот согласно со законските одредби од ЗРО, има надлежност да се впушти во оцена на тоа дали одлуката за откажување на договорот за вработување е донесeнa согласно со закон во смисла на одредбите од чл. 72 и чл. 74 од ЗРО и дали работодавачот согласно со правилата на товарот на докажување ја докажал основаноста на причината за откажување на договорот за вработување, а дотолку повеќе што видно од Централниот регистар на РМ, како овластено лице на тужениот се јавува в. д. директорот каде се наведени надлежностите од кои може да се утврди дека ги има истите надлежности како на директор, што значи дека одлуката за откажување на договорот за вработување е донесена од овластено лице.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.252/2014
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право