- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 871.80 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање март 10, 2022
- Последна промена јули 12, 2024
Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-8/22
(...) „Имено, согласно чл. 33 ст. 3 т. 1 од Законот за управата за јавни приходи, службеникот кој бил распореден има право на надоместок на превозни трошоци, доколку секој ден патува до друго место. Согласно чл. 81 ст. 3 од Колективниот договор на УЈП, на вработените кои за потребите на управата за јавни приходи се распоредени да работаат во организациони едници на УЈП надвор од местото на живеење, работодавачот им ги надоместува трошоците за превоз во висина на стварните трошоци во јавниот сообраќај.
Согласно чл. 21 ст. 1 алинеја 2 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на РМ, работникот има право на надомест на трошоците за превоз до и од работа во случаи кога нема организиран превоз, во висина на најниските реални трошоци.
Во конкретниот случај, тужителот со анекс на договорот за вработување бил распореден на работно место надвор од своето место на живеење, односно во подрачната единица во Р., кое било оддалечено од местото на живеење на тужителот 35 километри и истиот за доаѓање и заминување од работа во спорниот период плаќал по 300,00 денари во двата правци за автобуски билет за релација О. - Р. и обратно, односно за целиот спорен период трошоците изнесувале според вештачењето 75.600,00 денари. При ваква состојба, овој суд оценува дека правилно првостепениот суд согласно горе наведените одредби го задолжил тужениот да му ги надомести на тужителот ваквите трошоци кои се во висина на најниските реални трошоци, а со тоа правилно го применил и материјалното право. Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд на РСМ според кое вработените во Јавниот сектор кои се распоредени со решение надвор од своето место на живеење имаат право на надомест на трошоци за превоз до и од работното место во случај кога нема организиран превоз, а во висина на најниските реални трошоци согласно чл. 21 ст. 1 алинеја 2 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на РМ. Според тоа, фактот што согласно измените на Законот за исплата на плати, нето платата за Јануари 2009 год. се зголемува за износот на трошоците за исхрана и превоз до и од работа, не е од влијание за поинакво одлучување од причини што ваквото право на трошоци е пропишано во горенаведените важечки одредби и тужениот е должен на тужителот да му ги надомести овие трошоци во висина пропишана во истите.”