- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 913.05 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање мај 10, 2021
- Последна промена јули 12, 2024
Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-92/21
(...) „Согласно член 31 точка 9 од КД на тужениот, работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од 60% од просечната нето плата по работник, во Републиката објавена на денот на исплатата.
Во конкретниот случај, од страна на вештото лице несомнено се утврди дека тужителката била вработена кај тужениот повеќе од 6 месеци непрекинато во календарската 2017 година, со што се стекна со право на годишен одмор во 2017 година, согласно член 137 од ЗРО. Исто така неспорно е дека тужителката во целост го искористила годишниот одмор за 2017 година, со што го исполнила условот да му биде исплатен регрес за годишен одмор за 2017 година, согласно погоре цитираниот член од КД на тужениот. Судот ја имаше во предвид одлуката донесена кај тужениот со која било одлучено на вработените да им биде исплатен регрес во помал износ поради финансиски потешкотии, но истата не е од влијание за поинакво одлучување, од причини што правото на регрес на тужителот е утврдено во член 31 точка 9 од КД на тужениот.
Спогодбата за исплата на регрес за годишен одмор е донесена на ден 12.02.2018 година со која спогодба заради лошата финансиска состојба требало да исплатат регрес за годишен одмор по 1.000,00 денари, за 2017 година, односно ваквата Спогодба не може да се примени ретроактивно со оглед на фактот дека регрес за годишен одмор се исплаќа еднаш во текот на годината, а најдоцна до 31.12. во тековната година. Заради тешката финансиска состојба во согласност со Синдикатот на работодавецот може да се исплати регрес за годишен одмор во помал износ, но во случајот од спогодбата не може да се утврди кога работодавецот имал потештотии во работењето со оглед на фактот дека станува збор за регрес за 2017 година, а Спогодбата е донесена на 16.02.2018 година.
Неосновани се и жалбените наводи на тужителката, дека во одбиениот дел на тужбеното барање за регрес за годишен одмор за 2016 година, погрешно е применето материјалното право. Според тужителката, ваквото право и следува согласно КД за вработените во водостопанство од 23.09.1994 година, односно во одредбата од член 134 од истиот, висината на регресот изнесувала една просечна месечна плата во стопанството исплатена во претходните три месеци, а ваквиот Колективен договор бил во важност се до донесувањето на новиот Колективен договор на 29.05.2017 година.
Ова од причини што во чл. 269 од Законот за работните односи Службен весник бр. 62/05 е предвидено дека постојните колективни договори и акти на работодавецот ќе се усогласат со овој закон најдоцна во рок од 6 месеци од денот на влегување во сила на овој закон. Колективните договори кои нема да се усогласат во рокот определен со ст. 1 на овој член престануваат да важат. Со оглед на фактот дека колективниот договор на кој се повикува тужителката престанал да важи, а во списите на предметот од страна на тужителката не се доставени докази дека и во 2016 година е донесена одлука за исплата на регрес за годишен одмор правилно првостепениот суд го одбил тужбеното барање во овој дел.”