Одлука на Уставниот суд на Република Северна Македонија У.бр148/2021-1 и У.бр.15/2022-1

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 93.69 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање јули 13, 2022
  • Последна промена август 22, 2024

Одлука на Уставниот суд на Република Северна Македонија У.бр148/2021-1 и У.бр.15/2022-1

Работно време

„(...) уставотворецот, при утврдувањето на економските права утврдил дека остварувањето на правата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори, што подразбира дека формулацијата: „со закон”, наведува на заклучок дека тоа може да се стори со еден, но и со повеќе закони и колективни договори од соодветната област. (...)

Оспорената одредба од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, пропишува дека во согласност со барањата на работниот процес и роковите утврдени со Договорот за градење, Стратешкиот партнер ќе има право да го организира и распоредува работното време на работниците, така што работното време на секој работник, во текот на целиот циклус на Проектот, може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината.

Ноторен факт е дека вака пропишаното работно време се разликува и е подолго од пропишаното работно време за сите други работници во Република Северна Македонија, кое е пропишано со закон и колективни договори и кое не може да биде подолго од 40 часа неделно, освен во точно определени случаи и за определено време кога може да има прекувремена работа.

Исто така, неспорно е постоењето на уставно овластување со закон и со колективни договори да се уреди остварувањето на правата на вработените и нивната положба, што наведува на заклучок дека тоа може да се стори со еден или повеќе закони и колективни договори од соодветната област, како што е впрочем и случајот со оспорената одредба.

Меѓутоа, ова овластување за правно уредување на пониско ниво, мора да биде во согласност со уставните норми и да овозможи во целост да бидат остварени и другите права на вработените, а тоа во случајот се нивните уставни права на дневен и неделен одмор.

Со предвидувањето на работно време на работникот во просек 60 часа неделно во текот на годината, како што прецизира член 12 став 1 од Законот, несомнено се загрозуваат овие права на начин што драстично се намалува временскиот период во кој истите можат да бидат остварени и се повредува нивната суштина – временски период за обновување на физичките и интелектуалните капацитети на работникот за вршење на работата и остварување активности од сферата на личниот и семејниот живот. Дотолку повеќе што овде станува збор за намалување на траењето на дневниот и неделниот одмор во градежништвото, каде работата се извршува на отворено, во секакви временски услови и бара исклучителни физички напори.

Притоа, тоа што законодавецот во член 12 став 2 од Законот, го предусловил воведувањето на вакво работно време со изречна, писмена и претходна согласност на работникот и примена на сите останати важечки закони за безбедност и здравје на Република Северна Македонија, како и обезбедување на плаќање на сите применливи даноци и социјални придонеси, односно ваквата организација на работното време е со закон утврдена како условена можност, нема никакво влијание за нејзината несогласност со уставните одредби. Имено и самото нејзино постоење како што е уредена и која доколку се операционализира со настапувањето на предвидените услови, сериозно ги повредува уставните права е доволна причина да се оцени како противуставна.

Од друга страна, предвидениот предуслов за давање на изречна, писмена и претходна согласност на работникот, всушност значи откажување од правото на дневен и неделен одмор, имајќи ја предвид должината на работното време кое се предвидува со првиот став 1 од член 12 од Законот, што е во спротивност со член 32 став 4 од Уставот.

Со ваквиот начин на уредување на прашањето за работното време во просек 60 часа неделно во текот на годината, очигледно се повредува начелото на еднаквост на вработените во секторот каде што работата се извршува, што е повреда на уставното начело за еднаквост на граѓаните.

Притоа, во прилог на наведените аргументи се и претходно цитираните меѓународно-правни аргументи од областа на трудово-правните односи.

Оттука, според Судот, уредувањето на прашањето на работното време, утврдено во член 12 од Законот, според кој работното време на работникот, во текот на целиот циклус на проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината, поради наведените причини, не е во согласност со член 32 став 4 од Уставот, а со тоа и со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, утврдена со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. (...)

Во случајот, со оспорениот член 12 став 1 од Законот, не се повредува оваа темелна вредност на уставниот поредок само со предвидувањето можност за траење на подолго работно време, туку и преку употребената правна формулација: „во просек 60 часа неделно во текот на годината“ во овој став, која е непрецизна и остава простор за арбитрарност од страна на работодавачот и отвора начин преку кој може во текот на една година да се воведе и подолго време, при што со ваквото нормирање од гледна точка на оваа темелна вредност, се загрозува правната сигурност.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-238/22
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право