Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.122/2018

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 871.54 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање мај 19, 2020
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.122/2018

„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Северна Македонија, во конкретниот случај правилно второстeпениот суд го применил материјалното право, кога повикувајќи се на одредбите од член 72, член 74 и член 82 став 1 точка 1 од Законот за работните односи („Службен весник на РМ“ бр. 167/15), го усвоил тужбеното барање на тужителот, наоѓајќи дека Решението број 04-1295/1 од 18.07.2016 година со кое на тужителот му бил изречен престанок на работниот однос поради неоправдано изостанување од работа и Одлуката број 02-1496 од 30.08.2016 година, се незаконити.

Имајќи ги во предвид решителните факти, по наоѓање на ревизискиот суд правилно второстепениот суд заклучил дека тужениот не ја докажал основаноста на причината која го оправдува отказот на договорот за вработување, и истите не ги навел во образложението на одлуката, дека тужителот во спорниот период 07.07.2016 година до 15.07.2016 година неоправдано изостанал од работа повеќе од (3) три последователни работни дена.

Основ за ваквото одлучување, несомнено произлегува од утврденото дека, во спорниот период од 07.07.2016 до 15.07.2017 година, содржан во образложението на оспорената одлука, тужителот бил оправдано отсутен од работа со оглед да истиот имал решение за користење на право на годишен одмор во два дела и тоа од 04.07.2016 до 15.07.2016 година, заведено под број 09-9/18-7 од 01.06.2016 година, уредно заверено со потпис од в.д. Директорот и печат на тужениот, а како нема одлука со која решението за користење на право на годишен одмор заведено под број 09-9/18-7 од 01.06.2016 година, е отповикано со образложени причини, и за тоа уредно да било доставено до тужителот, односно истиот да бил известен, произлегува дека во конкретниот случај не станува збор за неоправдано изостанување од работа повеќе од (3) три последователни работни дена.

Следствено на ова, второстепениот суд правилно заклучил дека тужителот не ја сторил повредата на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски - неоправдано изостанување од работа, поради што ги поништил како незаконити Решението 04-1295/1 од 18.07.2016 година со кое на тужителот му бил изречен престанок на работниот однос без отказен рок и Одлуката број 02-1496 од 30.08.2016 година.

Наводите во ревизијата на тужениот, со кои укажува на тоа дека второстепениот суд погрешно го применил материјалното право од член 82 став 1 точка 1 од Законот за работните односи, кога утврдил дека тужителот не отсуствувал од работа неоправдано, овој суд ги одби како неосновани. Ова од причина што, во конкретниот случај се работи за одлука за откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски - неоправдано изостанување од работа повеќе од (3) три последователни работни дена, поради што второстепениот суд дал доволно јасни и образложени причини, за кои во целост се согласува и овој суд.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.139/2018
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право