Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.91/2017

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 306.11 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање април 11, 2018
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.91/2017

„По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови правилно го примениле материјалното право кога го усвоиле тужбеното барање на тужителот и одлучиле на наведениот начин, повикувајќи се на одредбите од член 72 и член 74 од Законот за работните односи.

Имено, во смисла на наведените законски одредби, ако работодавачот го откажува договорот за вработување е должен да го наведе основот за отказот, утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот и да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот. Воедно, отказот на договорот за вработување задолжително се изрекува во писмена форма, работодавачот е должен писмено да го образложи откажување на договорот, како и да му укаже на работникот на правната заштита и да го запознае со неговите права од осигурување во случај на невработенопст, согласно со закон.

Во насока на наведеното, ако се има во предвид содржината на решението за откажување на договорот за вработување, правилно пониските судови заклучиле дека истото нема прецизиран основ за откажување на договорот за вработување, нема образложение на основот и причините на договорот за вработување кое го оправдува отказот, што е од суштествено значење при давањето на отказот.

По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, наведувањата дека работниот однос престанува поради отсуство од работа три последователни дена, само по себе не претставува околност со која се докажува основаноста на причината која го оправдува отказот, имајќи предвид дека во одлуката за престанок на работниот однос потребно е поединечно да бидат наведени деновите во кои работникот последователно отсуствувал од работа. Воедно, во образложението на одлуката за откажување на договорот за вработување тужениот навел дека истата се донесува поради непочитување на работниот ред и дисциплина и воедно нејзино нарушување, без притоа да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот и да се наведат дејствијата со кои тужителот сторил повреда која му се става на товар, односно кога и на кој начин не го почитувал работниот ред и дисциплина.

При ваква состојба на работите кога одлуката за откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина не ги содржи сите законски елементи, правилно пониските судови застанале на стојалиште дека решението на тужениот со кое му е откажан договорот за вработување на тужителот не е во согласност со закон и дека тужениот не ја докажал основаноста на причината за откажување на договорот за вработување.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-703/17
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право