- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 820.75 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање март 27, 2019
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.115/2018
„По наоѓање на Врховниот суд на Република Северна Македонија, судовите правилно го примениле материјалното право кога го одбиле како неосновано тужбеното барање на тужителот, од причина што е утврдено дека тужителот кој бил во работен однос кај тужениот постапил спротивно на Законот за здравствена заштита и извршувал дополнителна дејност во приватна установа со која тужениот немал склучено договор за вршење на приватна дејност на негови вработени.
Неосновани се наводите во ревизијата на тужителот дека во прекршочна постапка тужителот и приватната здравствена установа биле ослободени од одговорност и со тоа било утврдено дека не е вршено дополнителна дејност, дека судовите не разјасниле каква дополнителна дејност вршел тужителот, како и дека работа во картотека не е здравствена услуга.
Имено, во конкретниот случај од доказите изведени во текот на постапката утврдено е дека при вршење на инспекцискиот надзор во П.З.У. Д-р М. Ј. каде носител на дејност била сопругата на тужителот, при извршен инспекциски надзор тужителот бил затекнат како работи на картотека, а во текот на инспекцискиот надзор дошол таен пациент кој го побарал докторот, односно тужителот, за дополнителни консултации, а кој претходно бил прегледан од тужителот, истиот имал ливче хартија на која било напишано името на докторот -тужителот и неговиот телефонски број, а навел дека листот бил даден од докторот со препорака да се направи РТГ снимка и да се јави за две недели за порцеланска навлака во ординацијата. Ваквата состојба е констатирана на записник за извршен инспекциски надзор, а притоа записникот е уредно потпишан од носителот на дејноста на приватната здравствена установа и во делот на забелешки по читање на содржината на записникот, немало забелешки од нејзина страна. Ова дотолку повејќе што од исказот на тужителот произлегува дека тужителот го издал телефонскиот број на тајниот пациент.
Во случајот, судовите ги имале во предвид одлуките со кои тужителот бил ослободен од прекршочна постапка, но исходот на таа постапка не е од влијание по однос на предметната постапка која се води по повод престанок на работен однос поради вршење од тужителот дополнителна дејност, за која тужениот немало склучено договор за соработка со приватната здравствена установа, во смисла на член 222 од Законот за здравствена заштита. Со оглед да во случајот е утврдено дека тужителот преземал дејствија на вршење дополнителна дејност спротивно на одредбите од Законот за здравствена заштита, правилно судовите утврдиле дека оспореното решение за престанок на работниот однос е правилно и законито донесено.
Судот при одлучувањето ги ценеше и останатите наводи во ревизијата на тужителот дека тужениот требал да спроведе дисциплинска постапка, во која би требало да се утврди одговорноста на тужителот, односно да му се даде можност да се произнесе по однос на тврдењата на државниот здравствен инспекторат, да се утврди на кој начин тужителот ја прекршил работната дисциплина со давање на дополнителни здравствени услуги, но најде дека истите се неосновани. Имено, ваквите наводи биле истакнати и како жалбени наводи, по кои второстепениот суд одлучувал, но ги одбил како неосновани, а со причините за неоснованоста во целост се согласува и овој суд.”