- Version
- Преземи 3
- Големина на фајлот 107.95 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање март 21, 2023
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Северна Македонија У.бр.113/2022-1
Плата
„Од анализата на релевантните законски одредби произлегува дека законодавецот основицата за пресметување на плата, првобитно, во основниот текст на Законот, ја уредил со член 11 според кој, основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
Од хронолошкиот приказ на измените на Законот во овој дел, може да се заклучи дека во 2009 година законодавецот го изменил овој пристап, односно се одлучил за решение според кое во самиот закон се утврдува точниот износ на основицата кој потоа се множи со соодветниот коефициент. Законското решение од 2009 година во оваа смисла било од темпорална природа бидејќи во самиот закон било утврдено до кога ќе се применува вака утврдената основица. Имено, износот на основицата бил утврден во висина на 26.229 денари која требало да се применува заклучно со исплатата на платите за август 2010 година, за да со законските измени во март 2010 година, износот се намали на 25.726 со период на примена до август 2011.
Со оспорената измена на Законот извршена во јули 2010 година, законодавецот ја намалил основицата на 23.153 денари и предвидел дека истата ќе се применува заклучно со исплатата на платите за декември 2011 година, додека пак од јануари 2012 година ќе се применува основица во износ од 25.726 денари.
Согласно образложението на Предлог-законот станува збор за намалување на основицата за 10% коешто намалување било извршено како антикризна мерка, очигледно од темпорален карактер, со оглед на тоа што по јануари 2012 година, законодавецот одново се враќа на претходното решение, односно на претходно утврдениот фиксен износ на основицата од 25.726 денари. Овој износ, зголемен за 4% со измените на Законот од 2014 година, сѐ уште се применува за пресметување на платата на избраните и именуваните лица.
Определувањето на начинот на пресметување на висината на платата на избраните и именуваните лица неспорно претставува законска материја и во таа смисла законодавецот е тој што определува дали основицата ќе се пресметува врз основа на остварената просечна плата, или пак во самиот закон ќе ја утврди висината на основицата во фиксен износ. Но, независно за кој пристап се работи, законските норми кои се однесуваат на ова прашање мора да бидат јасни, недвосмислени и предвидливи и да не оставаат простор за различно толкување што би можело да доведе до нејаснотии и различна примена во исти ситуации. Впрочем, барањето за јасност и прецизност е едно од основите елементи на принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Меѓутоа, оспореното законско уредување на оваа материја, според оценката на Судот, не е во согласност со овој принцип од причина што, поради измените во начинот на утврдување на основицата за пресметка на плата на избраните и именуваните лица, се доаѓа до ситуација во која може да се констатира дека во исто време постојат две норми, односно две правни правила за утврдување на основицата на платата – едното од член 11 од Законот, според кое основицата се определува според просечната плата остварена во претходната година што ја утврдува Државниот завод за статистика и другото правило, во оспорената одредба од член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010) во која основицата е утврдена во фиксен износ од 25.726 и која со усогласувањето од 4% предвидено со второоспорената одредба изнесува 26.755 денари, како основица што е моментално во сила и во примена. Истовремено, во сила е и одредбата од член 11 од Законот.
Наведеното двојство во уредувањето на прашањето за основицата на платата на избраните и именуваните лица, претставува неконзистентност во законското уредување на оваа материја. Тоа, според мислењето на Судот, делумно е резултат и на законодавната техника што ја избрал законодавецот при интервенциите во законскиот текст, што се состои во вршење на измени и дополнувања на веќе изменети одредби. Овој номотехнички пристап, не само што доведува до нејасност и непрецизност на одредбите, бидејќи истите на извесен начин ги вади од основниот концепт и систем на законот, туку создава и реални тешкотии при утврдување на содржината на важечката норма, односно се доаѓа во ситуација во која е навистина тешко да се утврди која норма претставува важечко право. За ваквата ситуација придонесува и фактот што иако законодавецот во четири измени на Законот дал налог до Законодавно-правната комисија да утврди пречистен текст на овој закон, тоа сѐ уште не е сторено.
Неконзистентниот пристап на законодавецот при уредувањето на прашањето за пресметка на основицата на плата на избраните и именуваните лица го доведува во прашање и остварувањето на правото на вработените на соодветна заработувачка од член 32 став 3 од Уставот. Правото на работникот на соодветна плата како право што произлегува од неговиот статус на вработен создава обврска за државата преку законското уредување да обезбеди правен основ за негово остварување. Но, поради непрецизноста и нејасноста на оспорените законски одредби од член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010) и член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2014), истите не се во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.”