- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 132.79 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јануари 31, 2024
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Северна Македонија У.бр.192/2023-1 и У.бр.193/2023-1
Плата;
Надополнување на редовната плата
„Анализата на содржината на оспорената одредба, како и нејзината систематизираност во текстот на Законот, укажува на тоа дека со истата законодавецот предвидел посебно правило за исплата на платите во Министерството за финансии како буџетски корисник.
Притоа, ги утврдил лицата за кои важи ова правило – вработените во ова министерство како надлежен орган на државната управа кој ги врши работите на изготвување и извршување на Буџетот на Република Северна Македонија, потоа износот кој се исплатува (30% од основната плата) именуван како „надополнување на редовната плата“, а чија основа се „специфичните работни задачи и посебната одговорност која произлегува од работното место“ при што за исплатата на ова надополнување е употребен изразот „добиваат“. (...)
Предвидувањето исплата каква што е уредена во оспорениот став 3 од член 66 од Законот за буџети, без претходно да се утврди такво право, е спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 алинеја 3 од Уставот и на член 32 став 5 од Уставот.
Од друга страна, ниту самата оспорена одредба може да се толкува дека истовремено утврдува такво право. Имено, тоа може да се заклучи ако се има предвид предметот на уредување на Законот определен со член 1 од истиот, систематизираноста на оспорената одредба во делот кој се однесува на постапката на исплата на платите кај буџетските корисници, но и од нејзината содржина.
Така, во неа е уреден нејзиниот ефект – посебна група на вработени во определен орган да добијат одреден износ изразен во проценти (врз основа на исплата), заради специфичните работни задачи и посебната одговорност.
Уставниот суд не може да заземе стојалиште дека оспорена одредба утврдува право, бидејќи како таква нема да може да се оправда од уставно-правен аспект. Имено, Законот може да утврди право, но неговото остварување мора да е предусловено со одредена конкретна постапка во која ќе се донесе посебен акт од одговорното лице во органот со кој ќе се констатира исполнувањето на условите за стекнување на такво право на вработениот што е одлика на правната држава, а не директно да се исплаќаат буџетски средства врз основа на законска одредба.
При нормирањето на оспорената одредба, законодавецот употребил недефинирани термини и изрази каков што е „надополнување на редовната плата“ што повторно е спротивно на темелната вредност – владеење на правото. Особено во делот на изразот „надополнување“, нејасно е дали истиот претставува додаток на плата или пак некоја друга категорија која воопшто не е дефинирана со закон.
Воедно, Судот, утврди дека по однос на оспорената одредба основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 9 став 2 од Уставот.
Наспроти сите други вработени кај буџетските корисници чија исплата се уредува со член 66 од Законот за буџетите, вработените наведени во оспорената одредба, вклучувајќи ги и оние со автентичното толкување се ставени во поповолна положба, иако го имаат истиот статус како останатите.
Покрај наведеното, со оглед на тоа дека ставот 4 од член 66 од Законот за буџетите упатува на ставот 3 и правно е поврзан со истиот, Судот, одлучи истиот да го укине како спротивен на член 8 алинеја 3 од Уставот, а согласно член 14 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Што се однесува на посебното оспорување на уставноста на споменатото автентично толкување, имајќи го предвид неговиот правен карактер како составен дел на Законот и оспорената законска одредба, процедурално не е возможно истото посебно да се оценува, туку тоа може единствено да се земе предвид преку оценувањето на уставноста на член 66 став 3 од Законот за буџети, што е сторено во овој случај.”