Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-828/15

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 763.95 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање август 26, 2015
  • Последна промена август 14, 2022

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-828/15

„Во конкретниот случај, на тужителот му престанал работниот однос поради исполнување услови за пензија и тужениот со решение (...) од 15.9.2014 година му утврдил еднократен паричен надоместок во вид на отпремнина при заминување во пензија во висина од три просечни месечни плати исплатени во Републиката во последните три месеци. Износот на три просечни месечни плати му е исплатен на тужителот, но со тужбата по која е поведен овој спор тој бара да му биде исплатен износ во висина од 5 просечни плати согласно со чл. 96 од Колективниот договор на Министерството за одбрана.

Бидејќи тужениот на тужителот на име отпремнина поради заминување во пензија му исплатил само три плати, согласно со одредбата од чл. 96 од Колективниот договор на Министерството за одбрана, тужениот е должен да му ја доплати разликата, односно износ (...) што претставува уште две нето-плати пресметано од просечната месечна нето-плата исплатена во Републиката во последните 3 месеци.

Во конкретниот случај, правото на отпремнина предвидено во чл. 96 од Колективниот договор на Министерството за одбрана е поповолно за тужителот и затоа при одлучувањето се применува одредбата од Колективниот договор, а не од Законот за служба во АРМ.

(...) на страната на тужениот согласно со чл. 96 од Колективниот договор на тужениот постои обврска за исплата на отпремнина во висина на пет просечни плати во Републиката на тужителот, а фактот дали биле обезбедени средства во буџетот на Министерството за одбрана и во Буџетот на РМ не го ослободува тужениот од таквата обврска, а согласно со чл. 12, ст. 4 од ЗРО според кој, правата од работен однос утврдени со Уставот, закон или колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Овој суд при одлучувањето ги имаше предвид и жалбените наводи по однос на тоа дека тужениот донел решение за утврдување на паричен надоместок во вид на отпремнина, коешто решение тужителот не го обжалил и дека поради тоа немал право да води судска постапка за доплата на отпремнина, но истите не ги прифати од причини што се работи за парично побарување на тужителот, а согласно со чл. 181, ст. 6 од ЗРО, паричните побарувања од работен однос работникот може да ги остварува непосредно пред надлежен суд.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-368/15
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право