- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 278.12 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 8, 2017
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.18/2016
„(...) по наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, правилно пониските судови го примениле материјалното право кога го усвоиле тужбеното барање на тужителот, па ги поништиле како незаконити одлуката за престанок на работен однос бр.02-937/1 од 17.09.2013 година и одлуката на Управниот одбор на тужениот бр.02-993/6-4 од 08.07.2013 година и го задолжиле тужениот да го врати тужителот на работа и работни задачи што одговараат на неговата стручна подготовка и работна способност.
Притоа, судовите се раководеле од одредбите од член 82 и член 94 став 1 од Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија" бр. 62/2005...25/2013), кој бил во примена во критичниот период, како и од одредбите од Колективниот договор за работниците во ЈП (...).
Имено, согласно член 82 од Законот за работните односи, работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот: неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година, го злоупотреби боледувањето, не се придржува кон прописите за здравствена заштита при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и ги повредува прописите за заштита на животната средина; внесува, употребува или е под дејство на алкохол или наркотични средства; стори кражба или во врска со работата намерно или со крајно невнимание предизивика штета на работодавачот и оддаде деловна или државна тајна. Во ст. 2 од истиот член е предвидено дека со закон и Колективен договор може да се утврдат и други случаи на кршење на работниот ред и дисциплина и на работните обврски за кои работодавачот го откажува договорот за вработување без отказен рок.
Во одредбата од член 94 став 1 од истиот закон, определено е дека отказ на договорот за вработување од лични причини на страна на работникот, работодавачот може да му даде на работникот во рок од три месеци од денот на дознавањето за фактите кои се основа за давање на отказот, односно во рок од шест месеци од денот на настапувањето на фактите кои се основа за давање на отказот. Соодветно решение е содржано и во одредбата од член 128 став 3 од Колективниот договор на тужениот, според која, одлуката за откажување на договорот за вработување од лични причини на страна на работникот се донесува во рок од три месеци од денот на дознавањето за фактите кои се основа за давање на отказот, односно во рок од шест месеци од денот на настапувањето на фактите кои се основа за давање на отказот.
Според Врховниот суд на Република Македонија имајќи ги предвид погоре утврдените факти, како и наведените одредби, правилно пониските судови застанале на стојалиште дека во конкретниот случај настапила застареност за донесување на одлуката со која на тужителот му бил даден отказ без отказен рок поради кршење на работниот ред и дисциплина. Имено, според временската важност на прописите на кои се повикуваат и пониските судови, правилен е заклучокот дека во случајов настапила застареност, имајќи предвид дека тужениот сознал за фактите кои се основа за давање на отказот со денот на формирање на Комисијата од раководителот на подружницата ШС Бабуна - В. и од неа извршената контрола на ден 09.05.2013 година, а одлуката за отказ на тужителот без отказен рок бр.02-937/1 била донесена од страна на тужениот на ден 17.09.2013 година.
Измената во одредбата од членот 94 од Законот за работните односи, на каква што се укажува во ревизијата, според која е предвидено дека во членот 94 по ставот 1 се додава нов став (2), кој гласи: отказ на договорот за вработување поради причини на вина на страна на работникот, работодавачот може да му даде на работникот во рок од шест месеци од денот на дознавањето за фактите кои се основа за давање на отказот, односно во рок од 12 месеци од денот на настапувањето на фактите кои се основа за давање на отказот, била извршена со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи објавен во „Службен весник на РМ“ бр. 170 од 06.12.2013 година, а кој влегол во сила осмиот ден од денот на објавувањето во службеното гласило.
Оттука, оваа одредба не може да се примени во конкретниот случај, туку се применуваат погоре цитираните одредби од законот и колективниот договор на тужениот, поради што истакнатите ревизиски наводи во оваа насока, вклучително и за примената на членот 128 став 3 од Колективниот договор за работниците во ЈП (...), оценети се како неосновани.”