- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 235.04 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 14, 2017
- Последна промена ноември 5, 2024
Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.56/2016
„Во конкретната правна работа, пониските судови изразиле правно сфаќање дека одлуката со која е раскинат договорот за уредување на односите помеѓу тужителката и тужениот е незаконита, бидејќи договорот за уредување на односи не е потпишан од страна на тужителката и истиот не произведува правно дејство. Пониските судови заклучиле дека на тужителката не може да и престане работен однос врз основа на едностран договор потпишан само од тужениот, бидејќи кога од страна на тужителката не бил потпишан договорот, не постои обврска од нејзина страна да се придржува кон одредбите на договорот. При расчистување на спорните правни прашања, пониските судови се раководеле од одредбите од член 13 и член 15 од Законот за работните односи.
Според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, ваквото изразено правно сфаќање на пониските судови не претставува аргументиран основ за поништување на одлуката за раскинување на договорот за уредување на односите помеѓу тужителката и тужениот, без притоа да се утврдат факти кои се од решително значење за одлучување во конкретната правна работа.
Во конкретниот случај предмет на побивање е одлука за раскинување на договор и престанок на работен однос од 27.01.2014 година, со која на тужителката и се раскинал договорот за уредување на односите помеѓу тужениот и тужителката со едностран отказ од страна на тужениот, поради непочитување на одредбите од договорот.
Меѓутоа пониските судови со сигурност не ја утврдиле правната природа на договорот за уредување на односите помеѓу тужениот и тужителката, односно дали претставува менаџерски договор. Од решително значење за одлучување, во конкретната правна работа е и фактот дали тужителката имала својство на менаџер, односно по кој правен основ тужителката ги вршела работните задачи се до донесувањето на одлуката за раскинување на договорот, па оттука и дали со непотпишувањето на понудениот договор за уредување на односи тужителката има право своите права да ги остварува во граѓанска постапка. Иако пониските судови утврдиле дека тужителката од 1994 година до донесувањето на оспореното решение била назначена за заменик директор, не ги утврдиле односите помеѓу договорните страни особено по однос на престанувањето на вршењето на функцијата на тужителката како заменик директор и правните последици од наведеното. Ова од причина што, ако е престаната важноста на менаџерскиот договор, треба да се ценат одредбите од договорот за последиците по однос на престанокот.
Утврдувањето на наведените факти ќе има влијание и на примената на материјалното право, бидејќи доколку пониските судови утврдат дека тужителката склучила со тужениот договор кој по својата природа претставува менаџерски договор, во тој случај примена наоѓаат одредбите од Законот за трговските друштва. Ова од причина што менаџерскиот договор е автономен договор, кој не може да се подведе под примената на Законот за работните односи. Иако со одредбата од член 54 од Законот за работните односи се уредува договор за вработување на деловни лица (менаџерски договор), сепак со овој договор не се подведени извршните членови на одборот на директори, членовите на управните одбори, односно управителите на трговските друштва и лицата со посебни овластувања и одговорност (раководни лица) кои според член 366 став 3 од Законот за трговските друштва, ги назначува органот на управување и кои права и обврски од работен однос ги остваруваат на начин и според услови утврдени со договорот за уредување на односи. Притоа со изречна законска одредба од член 366 став 4 е исклучена примената на одредбите од колективните договори и одредбите од Законот за работните односи, на извршните членови на одборот на директори, членови на управниот одбор, односно на управителот и раководните лица, што се однесуваат меѓудругото и на засновање и на престанок на работен однос. Тоа значи дека според Законот за трговските друштва, како специјален закон, постојат права и обврски од работен однос, меѓутоа не и класичен работен однос кој се заснова со склучување на договор за вработување, туку со склучување на менаџерски договор преку кој се уредуваат сите оддели права и обврски од работен однос.”